Регион

Потврдена пресуда за говор на омраза на косовски пратеник

Иван Тодосијевиќ. Фото: Министерство за локална самоуправа

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Петар Петковиќ,  изјави дека потврдувањето на двегодишната затворска казна на косовскиот пратеник и поранешен министер, Иван Тодосијевиќ, е „срамна, неприфатлива и политичка пресуда“.

Апелацискиот суд на Косово ја потврди пресудата што на Тодосијевиќ му беше изречена во 2019 година, со која тој беше осуден за поттикнување на етничка, расна и верска нетолеранција, со неговата изјава дека масакрот врз 45-те косовски Албанци, извршен во селото Рачак, во јануари 1999 година,  бил измислен.

Во одлуката на Апелацискиот суд, донесена на 24 јуни, а дури вчера објавена на веб -страницата на судот, се наведува дека судот „утврдил оти тврдењето на одбраната дека фактите се погрешно утврдени, е неосновано“.

Во одлуката се посочува дека коментарите на Тодосијевиќ „можеле да предизвикаат омраза, поделба, нетолеранција меѓу етничките групи на Косово“ и дека тие отишле предалеку за да бидат прифатливи според законите што гарантираат слобода на изразувањето.

Но, Петковиќ нагласи дека косовските власти ја задушуваат слободата на говорот. Тој за Радиотелевизија Србија, РТС, изјави дека „Приштина се обидува да стави фластер не само на устата на Иван Тодосијевиќ, туку и на целиот српски народ“.

Според уставот на Косово, еден пратеник го губи мандатот, доколку со правосилна судска одлука е прогласен за виновен за кривично дело и е осуден на една или повеќе години затвор.

Во октомври 2019 година, Тодосијевиќ беше избран за пратеник на Српска листа, партија која има поддршка од Белград. Претходно, тој беше министер за локална самоуправа во косовската влада, но по дадената изјава во март 2020 година, беше сменет од својата функција.

Изјавата за масакрот во Рачак, Тодосијевиќ ја даде на одбележувањето на 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО на Југославија, кое имаше за цел да го принуди Слободан Милошевиќ да ја сопре воената кампања против Албанците во Косово.

Едно од оправдувањата за воздушните напади на НАТО против Југославија, беа и убиствата на 45-те косовски Албанци, извршени од страна на српските безбедносни сили во селото Рачак.

„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислениот Рачак, и токму овие албански терористи, кои сето ова го измислија, правеа најголеми злосторства во Косово и Метохија”, рече во тоа време Тодосијевиќ.

„Тие (косовските Албанци) вршеа злосторства и пред агресијата на НАТО, убиваа добри српски домаќини и полицајци на нивното работно место“, истакна Тодосијевиќ во март минатата година.