На сослушувањето во случајот на поранешниот генерал на Војската на Република Српска, ВРС, Новак Ѓукиќ, осуден во Босна и Херцеговина дека дал наредба за артилериски напад на градот Тузла, кое требаше да се одржи во Белград, повторно беше одложено, бидејќи Ѓукиќ бил примен во болница
Филип Рудиќ, Белград
Расправата во случајот на воениот генерал на ВРС, Новак Ѓукиќ, кој во БиХ е осуден бидејќи во 1995 година наредил напад на Тузла, во кој загинало 71 лице, што требаше да се одржи во петок, беше одложена, бидејќи Ѓукиќ бил сместен во Воено медицинската академија (ВМА) во Белград.
„Судијката го одложи рочиштето … и побара од ВМА да го извести судот кога (Ѓукиќ) ќе биде пуштен, за да се закаже ново рочиште“, изјави за БИРН, адвокатот на Ѓукиќ, Милорад Константиновиќ.
Константиновиќ, кој му ја предаде на судот медицинската документација на Ѓукиќ, изјави дека неговиот клиент има неколку здравствени проблеми.
Ѓукиќ, поранешен командант на тактичката група „Озрен“ на ВРС, е обвинет дека на 25 мај 1995 година, му наредил на артилерискиот вод од топови да го гранатира градот Тузла.
Во нападот загинало 71 лице.
Судот на БиХ, во јуни 2014 година, го осуди Ѓукиќ на 20 години затвор за ова злосторство, но Ѓукиќ не се појави на издржување на казната во БиХ, образложувајќи дека заминал на лекување во Србија.
Во октомври 2014 година, БиХ издаде меѓународна потерница по Ѓукиќ, но тој не може да биде екстрадиран во оваа земја, бидејќи БиХ нема потпишано договор за екстрадиција со Србија.
Србија потоа понуди да го преземе случајот, но Ѓукиќ не се појави на неколку закажани расправи, поради тоа што Судот на БиХ не ги испратил потребните документи за случајот.
Судот на БиХ потврди за БИРН дека добил барање за достава на документацијата, додавајќи дека нема правна основа за испраќање на целиот предмет.
Нагласија дека судот во Белград не мора да ја потврди пресудата на Судот на БиХ, туку само да го преземе извршувањето на затворската казна за Ѓукиќ.
Во 2010 година, Србија потпиша договор со БиХ, кој им овозможува на Сараево и на Белград, едни од други да го преземаат извршувањето на казните.
Однесувањето на Србија во случајот Ѓукиќ беше критикувано од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и неговиот главен обвинител, Серж Брамерц.