Актуелно

Предлог-законот е „гром од ведро небо“ за меѓународната заедница

Дипломатите изненадени од новиот предлог – закон, кој доцна вечерва е повлечен од Собранието. Преговорите продолжуваат, а проблем е тоа што преговарачите од ВМРО-ДПМНЕ немаат авторитет сами да носат одлуки, туку бараат одобрение од Груевски или некој друг, дознава БИРН.

Предлог-законот со кој се предвидува забрана на „бомбите“, а вечерва е повлечен од Собрание, беше изненадување за странските амбасадори во Македонија кои не биле информирани дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе предложат вакво решение, брифираат за БИРН дипломатски извори.

Предлог-законот со кој се предвидува забрана на „бомбите“ е изненадување за странските амбасадори во Македонија

Предлог-законот со кој се предвидува забрана на „бомбите“ е изненадување за странските амбасадори во Македонија

„Понудениот предлог-закон го гледаме како дел од преговарачка тактика на владејачките партии. Изненадени сме затоа што воопшто не бевме информирани и понуденото решение кое е проблематично и контрапродуктивно за преговарачкиот процес. Роковите се пробиени, а наместо да се решаваат проблемите што се на маса, преку предлог-законот се отвораат нови проблеми“, велат истите извори.

Истите извори објаснуваат дека со посредство на Питер Ванхојте се прават напори вечерва да се постигне договор за изборните правила. За одредени точки има напредок, но ништо не е дефинитивно договорено до крај.

Проблем, како што брифираат овие извори, претставува и тоа што претставниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат авторитет за преговори.

„Кога треба да прифатат нешто, мора да се јават за да добијат одобрение од Груевски или од некој друг. Едноставно, немаат авторитет да преговараат и тоа создава проблеми, се губи време“, велат изворите на БИРН.

Евроамбасадорот Аиво Орав претходно изјави дека разгледувањето на предлог-законот за забрана за објавување на „бомбите“ ќе биде одложено до 20 октомври, но пред 21 часот Собранието информира дека предлог-законот е повлечен од страна неговите предлагачи, Талат Џафери и Крсто Муковски.

Сигнал дека владејачката партија се повлекува беше и изјавата на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој кажа дека постигнат е договор предлог-законот да се врати на доработка.

„Ќе се интервинира во неговата содржина преку амандманска расправа, а ќе биде разгледуван и од работните групи паралелно со изборниот законик“, рече Милошоски.

Со соопштение излезе и амбасадата на САД во Македонија во кое се вели дека партиите се договориле предлог-законот за забрана на „бомбите“ да се разгледува во пакет со законско решение за заштита на таканаречените свиркачи.

„Овие закони отвораат сериозни прашања во врска со слободата на изразување, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што треба да бидат адресирани во согласност со меѓународните обврски на Македонија“, пишува во соопштението.

Предлог-законот што го потпишаа Талат Џафери од ДУИ и Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото предвидуваше казна затвор од најмалку четири години за секој што неовластено ќе објави или пренесе прислушувани или тонски снимени разговори, делови од нив или транскрипти.