Апелациониот суд ги укинал речиси сите решенија на Основниот суд 1 кои се однесуваат на известувањето на телевизијата Нова за време на изборниот период. Минатата недела биле донесени 12 решенија со кои предметите се враќаат на повторно одлучување, а се чека на уште три решенија за истата телевизија и на уште 8 решенија за телевизија Сител.
Телевизиите Нова и Сител беа единствените телевизии кои и покрај тоа што имаа најмногу прекршочни пријави од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за пристрасно и неизбалансирано известување, никогаш не одговарале пред суд. Со последните одлуки на Апелациониот суд, оваа практика почнува да се менува.
Апелација ги врати на повторно одлучување пријавите на Агенцијата за медиуми за ТВ Нова што беа отфрлени од Основниот суд Скопје 1
БИРН пред неколку месеци пишуваше дека телевизијата Нова, со пресудите на Основниот суд Скопје 1, сите донесени од судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, беше ослободена од прекршочна одговорност во однос на пријавите од Агенцијата за медиуми. АВМУ утврди дека телевизијата не известувала на „правичен, избалансиран и непристрасен начин, а известувањето за редовните активности на државните органи и институции било во функција на изборно медиумско претставување на политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ“.
Истите прекршочни пријави беа поднесени и против телевизијата Сител. Како по правило, за телевизијата Нова одлучувала судијката Јанчулева Михаиловска, а за Сител Моника Бахчовановска. Двете судијки носеле исти решенија, со кои пријавите се одбивале како ненавремени, бидејќи „барањето за поведување прекршочна постапка треба да се спроведе во рок од 48 часа по утврдувањето на прекршокот“.
Со последните 12 решенија на Апелацискиот суд, одлуките на судијката Јанчулева Михаиловска се враќаат на повторно одлучување.
Како по правило, за телевизијата Нова одлучувала судијката Јанчулева Михаиловска, а за Сител Моника Бахчовановска. Двете судијки носеле исти решенија, со кои пријавите се одбивале како ненавремени
„За овој суд е сосема нејасно и неразбирливо зошто првостепениот суд смета дека со протекот од рокот на 48 часа подносителот на барањето го изгубил правото да поднесе барање за поведување прекршочна постапка до судот, односно дека истото е ненавремено“, се вели во решението на Апелација донесено од судијката Гордана Сајковска, која повикувајќи се на Законот за прекршоци вели дека застареноста може да настане ако поминат 3 години од денот кога е сторен прекршокот.
Инаку, казните за правните лица за ваквите случаи е 4.000 евра, а за директорот на медиумот 1.200 евра. Ако прекршокот се случува првпат, тогаш се изрекува само опомена. Опомени за последните избори на 11 декември имаа речиси сите медиуми, вклучително и Канал 5 телевизија, Наша ТВ, 24 вести, Телма телевизија, Радио Слободна Македонија, Радио Антена 5 и многу други, освен Нова и Сител, за кои сите пријави беа отфрлани.