Вести

Сѐ поголеми притисоци, но и позначајна улога на медиумите на Балканот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во рамките на биеналната конференција на БИРН, која се одржува викендов на Копаоник во Србија се одржа панел дискусија на тема: „Нова реалност – зголемени напади врз медиумите на Балканот“

Панел дискусијата ја модерираше Јета Џара, директорка на БИРН Косово

Ослабнатото влијание на Европа и на Америка на Балканот, растечкото влијание на Русија, како и сѐ поголемиот број на политички и на економски притисоци врз новинарите и уредниците, се новата реалност во која професионалните медиуми се единствениот корективен фактор, беше истакнато на конференцијата на БИРН.

Директорката на Балканската истражувачка мрежа (БИРН) Македонија, Ана Петрушева, изјави дека медиумската ситуација на Балканот станува сѐ потешка и дека освен стандардните политички и економски притисоци врз редакциите, постојат и нови методи – дискредитација на новинарите како шпиони и странски платеници и отворање на голем број нови интернет-страници кои објавуваат лажни вести.

Целта на ваквите интернет-страници е „создавање на медиумска бучава“, во која јавноста повеќе не може да разликува кои се вистински, а кои лажни информации и сѐ повеќе губи довербата во медиумите.

„Луѓето помалку им веруваат на медиумите и сметаат дека сè е пропаганда или промоција“, рече Петрушева, на тркалезната маса за модерните предизвици во новинарството во регионот, што ја организираше БИРН.

Претседателот на Фондацијата „Маршалов план“, Австрија и член на одборот на БИРН, Волфганг Петрич, поранешен висок претставник во Босна и Херцеговина, изјави дека не секогаш може да се смета на поддршката на Европската унија (ЕУ), бидејќи „стабилноста има приоритет, во однос на реформите“.

„Позицијата на ЕУ е ослабена, поради нејзините внатрешни проблеми. Сѐ додека не го заврши процесот на внатрешни реформи, ЕУ нема да има силна улога во регионот … Визијата за проширување на ЕУ слабее, а во регионот јакнат авторитарните режими, од кои само се очекува да гарантираат стабилност и се толерираат“, објасни Петрич.

Штефан Лене, експерт од Фондацијата Карнеги Европа и член на одборот на БИРН, изјави дека иако, во моментов, проширувањето не е приоритет за Брисел, тој очекува регионот да биде интегриран побрзо отколку што многумина очекуваат.

„Можеби приклучувањето нема да се случи земја по земја, туку земјите ќе се интегрираат низ програми“, потенцира Лене, наведувајќи го како пример учеството на балканските земји во Енергетската заедница, во Европол и во другите институции на ЕУ.

Поради послабото влијание на западните земји во регионот, јакне влијанието на Русија, смета Тим Џуда, политички аналитичар на „Економист“.

„Каков е рускиот интерес? Тоа е едноставно. Тие сакаат да создадат, во рамките на овој регион, во рамките на ЕУ и на НАТО, територии што се проруски или неутрални кон Москва. Како тоа го работат? Со создавање на свои организации. Во Србија се идентификувани преку сто такви организации, а во Македонија 30“, рече Џуда.

„Русите годинава доживеаја голем пораз“, рече тој, посочувајќи ги како примери Македонија, каде дојде до смена на премиерот Никола Груевски и Црна Гора која му се приклучи на НАТО и покрај руското спротивставување.

Споредувајќи ја состојбата на Балканот, со ситуацијата во САД, медиумскиот експерт, Роберт Бирман, изјави дека новинарите и уредниците во моментов се мета на претседателот Доналд Трамп, но дека тоа има и некои позитивни резултати.

„Позитивната работа е што сега ги воочуваме слабостите во медиумскиот систем, и втора позитивна работа, е што луѓето повторно почнаа да плаќаат претплата за медиумите… „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон пост“ и некои други, ја зголемија претплатата, што значи и многу повисок квалитет на новинарството“, рече Бирман.

Регионалната директорка на БИРН, Гордана Игриќ

Пред панел дискусијата за предизвиците на модерното новинарство во регионот, беа презентирани резултатите од проектите на БИРН. Регионалната директорка на БИРН, Гордана Игриќ, истакна дека мрежата секојдневно обезбедува проверени информации и квалитетно новинарство за повеќе од пет милиони луѓе.

Игриќ, на годишната регионалната конференција на БИРН, изјави дека во моментално, мрежата има 16 интернет-страници на различни јазици, и дека само во последната една и пол година, се направени околу 100 ТВ прилози или филмови, одржани 50 курсеви за обука и објавени голем број на истражувачки стории.

„Секојдневно нашите страници ги посетуваат повеќе од пет милиони луѓе. Во изминатата година, оваа бројка се зголеми за повеќе од половина милион луѓе. Работевме на навистина квалитетни приказни за корупцијата, за проблемите со сопственоста, за концесиите, нашите текстови резултираа со кривични пријави“, потенцира Игриќ.

Годишната конференција на БИРН се одржува на Копаоник, во Србија