Регион

Проект Зетра: Сеќавање на југословенскиот рок концерт за мир

Сеќавањето на големиот антивоен концерт кој се одржа во 1991 година во Сараево, собра голем број личности околу еден проект, кој, меѓу другото, предупредува на опасноста од национализмот во модерна Европа, вели идејниот творец на овој проект.

Данијел Вишевиќ во спортскиот центар „Зетра“ во Сараево. Фото: Силви Гагелман; LoveThatPeople

Данијел Вишевиќ во спортскиот центар „Зетра“ во Сараево. Фото: Силви Гагелман; LoveThatPeople

Пишува: Саша Драгојло

Кога во 1991 година избувна војната во поранешна Југославија, 14-годишниот Даниел Вишевиќ, по националност Србин, се наоѓаше илјадници километри подалеку – во германскиот град Франкфурт. Ги слушаше „Ганс енд Роузес“, „Ди Ерцте“ и „Нирвана“, бил вљубен во својата соученичка Нина и не знаел што се случува во татковината на неговите родители.

Денес Вишевиќ е германски новинар и автор на проектот Зетра, во рамките на кој тој трага по луѓето кои на 28 јули 1991 година, биле присутни на најголемиот антивоен југословенска рок-концерт во Олимписката спортска сала „Зетра“ во Сараево, за да може 25 години по настанот, да ги забележи нивните приказни и да се обиде да одговори на прашањето: „Зошто дошло до војната што никој не ја посакувал?“.

Вишевиќ за концертот во Зетра дознал случајно, додека на Јутјуб барал југословенски рок песни, прославувајќи го со вино завршувањето на својот роман, кој зборува за воени искуства.

„Случајно налетав на овој концерт и останав вчудоневиден, но во исто време бев и нервозен затоа што не сум знаел за овој настан и дека луѓето биле против војната“, вели Вишевиќ за БИРН.

„Овој концерт го смени мојот поглед за оваа војна и за балканските народи за 180 степени…мојот поглед за војната беше типично западен и под влијание на стереотипите дека југословенските држави само чекале да умре Тито, за да се испоубијат меѓусебе“, вели тој.

Концертот го организираше и емитуваше тогашниот југословенски телевизиски канал Јутел, а беше насловен како „Јутел за мир“.

Тоа беше кулминација на мировните протести во Југославија. Концертот ги собра на едно место активистите за мир и популарните рок бендови од целата држава, како дел од колективниот напор за спречување на војната.

„За војна ви е потребен мал број на екстремисти, кои се во состојба да направат инцидент, моќен политичар кој игра на националистичка карта, користејќи ја омразата како инструмент за остварување на неговите интереси. Искуството на луѓето со кои разговаравме е од суштинско значење, не само за Балканот, туку и за Европа“, вели Вишевиќ.

Кога се губи здравиот разум

Вишевиќ, заедно со уште 11 свои колеги, главно Германци, го направиле проектот Зетра, како онлајн простор каде што публиката, музичарите и организаторите на концертот од 1991 година, четвртина век подоцна, формираат колективно сеќавање и ги споделуваат своите ставови за војната.

Досега, повеќе од 50 луѓе ги споделиле своите приказни, меѓу кои е и 46-годишната Алма Шуман, која објаснува дека луѓето во тоа време биле потполно уверени дека разумот ќе надвладее.

„Се чувствував како некој да ме исфрлил од мојот живот и ме фрлил во некој филм. Прво безгрижно и весело се забавуваш со пријателите, а во следниот момент пред тебе стојат војници што те плашат“, вели Шуман за проектот Зетра.

„Никој не мораше да ме убедува дека сè ќе биде во ред, јас бев самата убедена. Единственото прашање што си го поставував беше кога конечно ќе одам во море?“, се сеќава Шуман.

Алма Шуман во 1992 година. Фото: Алма Шуман; проект Зетра

Алма Шуман во 1992 година. Фото: Алма Шуман; проект Зетра

Во мај 1992 година, го напушта Сараево и заминува во Лондон, каде го усовршува англискиот јазик. Неколку месеци подоцна, се преселила во Виена, каде што останала се до 1997 година, кога решила, во осмиот месец на бременоста, да се врати во Сараево и таму да го роди својот син.

„Мојата бајка беше уништена. Поради оваа причина не сакам да им се уништи истата бајка и на младите луѓе. Должни сме да им помогнеме на нашите деца, да живеат живот без националистички идеологии и труења“, вели таа.

Вишевиќ вели дека не било тешко да се најдат луѓе кои ќе зборуваат за своите сеќавања, но дека тие сеќавања за многумина од нив биле трауматични.

„Тоа се сѐ лични и потресни приказни, луѓето не спиеја ноќе, бидејќи по нашиот разговор, сеќавањата повторно им се разбудиле“, објаснува тој.

И покрај тоа што на денот на концертот, на 28 јули 1991 година, паѓал дожд, во Зетра се собрале околу 30.000 луѓе, а уште 50.000 го следеле концерт надвор од салата.

Маја Јусуфбеговиќ тогаш имала само 13 години, но сепак нејзините родители ѝ дозволиле да помине 200 километри со автобус и да присуствува на концертот.

И денес таа со недоверба се прашува, како политичарите можеле да останат глуви на нивните апели за мир.

„Како е можно никој да не сослуша толкава маса на луѓе? До денес не ми е јасно како можевме да дозволиме да не поделат. Луѓето што ги сакав пред војната, и денес ги сакам. Тоа не може ниту војната да го смени“, вели Јусуфбеговиќ.

Некои луѓе, кои биле присутни на мировните протести во Сараево и на концертот во Зетра, биле меѓу првите цели на снајперистите и гранатите за време на војната во БиХ, во 1992 година.

Пред војната, 64-годишниот Милан Тривиќ, работел во Јутел. Тој заедно со група сараевски рокери ја иницирал идејата за концертот „Јутел за мир“.

Се сеќава на тогашното доминантно чувство дека никој не може да биде толку луд, за да ја одведе земјата во пекол.

Милан Тривиќ, еден од иницијаторите на концертот „Јутел за мир“. Фото: Силви Гагелман; LoveThatPeople

Милан Тривиќ, еден од иницијаторите на концертот „Јутел за мир“. Фото: Силви Гагелман; LoveThatPeople

„Дури и кога почна да се пука, јас велев, ’сепак ова ќе помине за 15 дена’. Па, мислев, ’Европа нема да дозволи да се војува кон крајот на 20 век. За жал, тоа беше разочарување“, изјави Тривиќ во интервју за проектот Зетра.

„Денес знам дека војната може да се произведе во ’секунда’, во секоја земја во светот, само ако имате доволен број на будали. Се извинувам заради овој збор, но буквално – будали. Уништувањето е многу полесно отколку изградбата. Мирот макотрпно се гради. Но, може да се урне многу, многу едноставно“, додава тој.

Предупредување за Европа

Вишевиќ вели дека проектот Зетра треба да нè потсети на кревкоста на мирот, особено поради тоа што денес се соочуваме со зголемување на деструктивните сили на национализмот и нетолеранцијата во сите европски земји.

„Дури и во Германија се бориме со Алтернатива за Германија (АФД), чија националистичка и антибегалска реторика е вознемирувачка и полна со омраза. Многу луѓе со кои зборував ми рекоа дека денешна Европа наликува на Југославија во доцните осумдесетти“, вели Вишевиќ.

„Затоа мислам дека ова е вистински момент да ги послушаме сите овие луѓе“, заклучува тој.