Вести

Протести на хонорарците: Не сме економско робје!

„Продавам бубрег за да платам придонеси“, „Твој данок нивна иднина“, „35 % за барок и за бронза“, „Хонорарците не се богаташи“ беа само дел од транспарентите што ги носеа револтираните хонорарни работници

DSC00765

Неколку илјади претставници од невладини организации, актери, преведувачи, новинари, филмски работници и студенти денеска го кренаа гласот против мерките што ги најави Владата, со кои се предвидува на секој хонорар да се плаќаат придонеси од 35 отсто.

„Продавам бубрег за да платам придонеси“, „Твој данок нивна иднина“, „35 % за барок и за бронза“, „Хонорарците не се богаташи“ беа само дел од транспарентите што ги носеа револтираните хонорарни работници.

DSC00747

Протестот почна напладне во паркот „Жена борец“, продолжи кон Собранието и заврши пред Владата.

здравко

„Велат дека овие пари ќе ги употребат за да го подобрат здравството.Секој од нас што отишол да се лечи знае, дека уште полошо ќе му биде. Ќе ви ги земат парите за да ја направат фасадава позади, ако е ова демократија,треба да го слушаат народоот, а ако не е, тогаш нека ни кажат“, порача Здравко Савески од здружението „Солидарност“.

тамара

„Ова се лажни социјални мерки бидејќи богатите ќе си останат богати, а сиромашните сиромашни. Ние новинарите сме хонорарци во најголем број, затоа што така не држат на кусо синџирче, лесно не отпуштаат и не претвораат во пропагандисти. Кога сакаат да тепаат, прво ја затвораат устата, да молчиме, да не кажуваме дека не боли. Фрлете им по некој денар, празни им се фондовите, за да имаат од што да ги полнат“, рече Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

По ова, кон зградата на Владата се разлетаа ситни пари, со цел, како што рекоа присутните, симболично да се прикаже дека граѓаните се подготвени да ѝ помогнат на власта да собере некој денар.

Покрај неколку синдикати, левичарски движења и невладини организации зад денешниот протест застана и Студентскиот пленум.

Законските измени предвидуваат од први јануари да се плаќа 35 отсто од секој прилив на хонорари за здравствено и пензиско осигурување, наместо досегашните 10 отсто за персонален данок на доход.

Оваа владина мерка не важи за избраните и именувани функционери на кои членувањето во управни и извршни одбори им се третира како извршување должност.