Протестите по објавувањето на бомбата на СДСМ за убиството на Мартин Нешкоски завршија со разбивање на демонстрантите по улиците. Неколку лица се повредени и пренесени во Клиничкиот центар. Денешните протести беа насилни, со употреба на сила и од страна на полицијата и од дел од демонстрантите.
Полицијата и граѓаните што протестираа пред Владата влегоа во отворен судир, а по еден час полицијата ги растера демонстрантите по улиците.
Полициски кордони ги притиснаа демонстрантите од двете страни на булеварот „Климент Охридски“ и околу 23 часот тензијата се смири.
По неколкучасовно скандирање, „убијци“, „човечиња“, „бидете со нас“, тензијата кај граѓаните кои спонтано се собраа на протестите растеше, а сето тоа затскриена го набљудуваше министерката за внатрешни работи Јанкулоска со мобилен телефон во раката.
Демонстрантите фрлаа со камења и шипки кон полицијата, а таа возврати со употреба на сила и врз оние групи кои седеа пред Владата со рацете кренати во вис.
На протестите пред Владата присуствуваше и братот на Мартин Нешкоски, Александар.
Портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека повредени се десетина полицајци, од кои еден потешко.
„Тој е пренесен во Ургентниот центар. Уништени се многу возила, полицајците биле напаѓани, но групата е разбиена“, изјави Котевски додавајќи дека повеќе детали ќе има во текот на утрешниот ден.
Котевски не соопшти колку демонстранти биле повредени на денешните протести, ниту пак колку се уапсени.
БИРН дознава дека во Клиничкиот центар се донесени четири лица, од кои двајца демонстранти и двајца полицајци. Тие немале потешки телесни повреди, туку биле во шок.
Екипата на БИРН беше сведок кога еден од демонстрантите падна на земја, но полицијата не дозволи да му се помогне. Полицајците ги разбркаа присутните и рекоа дека сами ќе му помогнат на повредениот кој лежеше во близина на Владата.
Во текот на протестите запалени беа неколку контејнери. Шипки, јајца, кутии и шишиња постојано летаа кон зградата на Владата и кон полицијата. Зад кордонот на полицијата следеше и возило опремено со воден топ.
Во центарот на Скопје се уште е видливо засилено полициско присуство, а пред Владата остана ѓубрето што демонстрантите го фрлаа кон полицијата.
Последните информации се дека во тек е апсење на демонстрантите.
Протестите ги следеа и двајца набљудувачи од ОБСЕ.
На видеото подолу е регистрирано како протестите од мирни наеднаш стануваат насилни.