Заев презентираше аудио снимки од наводни разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески во кои тие договораат колку проценти провизија да земат од договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци – Штип.
Дваесет и пет милиони евра е провизијата што власта ја зела од тендерот за изградба на автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци – Штип, обелодени лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната 14-та по ред политичка бомба.
Станува збор за договор што Владата го потпиша со кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“ во 2013 година за изградба на автопатските делници. Вкупната вредност на инвестицијата изнесуваше 580 милиони евра. Најголем дел од средствата, односно 90 отсто беа обезбедени преку кредит од кинеската ЕКСИМ банка, а останатите 10 отсто од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Заев презентираше аудио снимки од наводни разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески во кои тие договораат колку проценти провизија да земат од договорот со Кинезите. Сите разговори се одвиваат во шифри, па на некои од аудио снимките гласот за кој СДСМ тврди дека е на Груевски го прекорува министерот за транспорт со зборовите „Не им го кажувај името“, мислејќи на кинеската компанија.
„За ова ти колку предлагаш“, прашува Груевски.
„5 на целото“, одговара Јанакиески.
„Не, не, у точен износ колку?“, прашува премиерот.
„Па сега зависи колку ќе биде, помеѓу 15 и 18“.
„Да не е многу бе, а? Да не се претера новинарството“, вели Груевски, а Јанакиески одговара: „Ја одев по некоја аналогија од претходното, а и тие спомнаа во една прилика така. А, три, три е онака коректно“.
„Пробај со 15 да видиме како ќе реагираат, па ајде, јави се“, вели Груевски.
Овој случај лидерот на опозицијата го карактеризираше како „најголемиот финансиски скандал на Балканот“. Тој вели дека за изградбата на автопатот Кичево – Охрид било наплатено 103 милиони евра повеќе од проценката што ја направила Агенцијата за патишта.
„Сведоци сме како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, како правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони, за негови сопствени цели и интереси – како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите“, рече Заев.
Одлуката за тоа која фирма ќе ги гради автопатиштата бил донесен без да се распише тендер, туку со носење закон, пред да биде потпишан договорот со кинеската компанија.
Македонските пратеници со 66 гласа „за“, еден „против“ и ниту еден „воздржан“ на 25 октомври 2013 го изгласаа Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Договорот со „Синохидро“, пак, беше потпишан на 13 ноември 2013 година.
За ова, се зборува и во еден од претходно презентираните разговори кои наводно се водат меѓу министерот за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Ми се смачи што ми идеше да му грабнам телефон и да му ја скршам главата“, наводно вели Ставрески коментирајќи дека Груевски е човек „што изгубил контакт со реалноста“. Тој појаснува дека Миле и Владо (н.з. министерот за транспорт Миле Јанакиески и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски) треба да потпишат „незаконски договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштата без тендер“.
Според презентираниот разговор, Јанакиески и Пешевски одбивале да го потпишат договорот, но, судејќи според текот на случувањата, на крајот се согласиле.
„Напиши мислење за барокни фасади, за тоа не се оди во затвор“
Во еден од денеска презентираните разговори кои наводно се водат меѓу Груевски и Јанакиески, премиерот го тера министерот да потпише документ за барокните фасади на ЕВН и Сити галери, иако Јанакиески тврди дека за тоа е потребно да се промени Деталниот урбанистички план (ДУП).
„Тоа бара проширување на маркица, значи по ниеден закон, во ниедна регулатива го нема“, вели Јанакиески.
На ова, премиерот вели дека доволно ќе биде Јанакиески да даде само мислење за менување на фасадите.
„Ама нема претседателе, законска можност нема. Значи проширување на маркица. Тоа е исто како да менуваме план со мислење“.
„Ама кај вас нема одговорност. Вие само мислење дадете. Одговорноста е кај тој што ќе го прифати мислењето“, вели премиерот.
Во друг разговор, Груевски вели дека нема намера да го втурнува министерот во криминал.
„Ни на сон не би те натерал да потпишеш нешто, утре да идеш во затвор за тоа. Не може некој во затвор да иде за мислење“, му вели Груевски.
Инаку, договорот за реконструкција на фасадата на Сити галери во вредност од над 92 милиони денари беше потпишан на 26 ноември 2014 година.
Договорот за реконструкција и доградба на фасадата на ЕВН беше потпишан со градежната фирма „Бетон“ на 22 јули 2013 година и тежеше 966 милиони денари.
Шифрирани разговори
Во речиси сите разговори кои наводно ги води премиерот Груевски на презентираните снимки, може да се чуе дека тој постојано зборува во шифри. Имињата на лицата за кои зборува, речиси никогаш не ги кажува наглас, туку ги спомнува со нивните иницијали.
Во еден од разговорите кои наводно се водат меѓу него и Влатко Чингоски, поранешниот директор на ЕЛЕМ тој го именува генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски како К.Б.
Сеад Кочан, претседател на Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори, тој го именува како „Сеат Ибица“ или „човекот што вози Сеат“.
Кога со министерот за транспорт разговара за реконструкција на пругата Куманово – Бељаковце, имињата на државите од каде што се јавиле понудувачите ги кажува само по нивните први букви: „Г“ (Германија), „А“ (Австрија), „доле Г“ (Грција), „Ч“ (Чешка).
Според сознанијата на БИРН, ќе следуваат уште најмалку петнаесетина политички бомби, а најавени се и докази за тоа кој го вршел прислушувањето и во кој период.
„Зарем треба уште докази за да сфатиме сите каков глумец ни ја води државата цели 9 години? Што уште треба да објавиме за да сфатиме што всушност се крие зад „ликот и делото“ на Никола Груевски?! Груевски, сеуште имаш шанса сам да заминеш и да ја ослободиш Македонија од маките. Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, зарем треба да продолжите да поддржувате вакви луѓе?“, рече Заев.
ВМРО-ДПМНЕ: Заев сака да креира дестабилизација со креирани, сечени и лепени разговори
Зоран Заев продолжува да се обидува со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани разговори да креира дестабилизација на институциите во Република Македонија, со единствена негова цел да се добере до власт без никаква поддршка од граѓаните, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ Зоран Заев, пренесува МИА.
Во соопштението се вели дека Заев е свесен оти со ова негово сценарио одработува за странски центри кои, како што се потенцира во реакцијата, имаат лоши цели во однос на државата и нејзините државни интереси.
„Соочен со фактите и признанијата за соработка со странска служба, соочен со неговите криминали и барања мито, како и со фактот дека се повеќе работи околу неговото срамно однесување се појавуваат во јавноста, Заев се обидува да ја дефокусира јавноста и преку конструирани материјали ставени во манипулативен контекст, да се извади од своите скандали и криминали. Тоа нема да му помогне. Правдата и вистината ќе го стасаат и нема да може да го извадат никакви сецкани материјали и никакви странски центри. Денешните наводи на Заев и СДСМ се крајно тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни“, се вели во писмената реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека автопатите за кои денес зборувал Зоран Заев се реализираат во крајно легална и транспарентна постапка со Закон донесен во Собранието, исто онака како што и други крупни инфраструктурни проекти во минатото биле градени.