Специјалниот суд на Косово, формиран за да ги гони случаите наведени во извештајот на Советот на Европа, кој беше објавен пред шест години, според кој некои поранешни членови на Ослободителната војска на Косово се одговорни за брутални злосторства, е подготвен да ги подигне првите обвиненија.
Марија Ристиќ, Женева
Поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се наводно одговорни за убиства, киднапирање, мачење и други кршења на човековите права, за време и по војната во Косово, наскоро може да се најдат во судница, откако во средата конечно беше одобрен Правилникот за постапка и докази на новиот специјален суд за Косово, кој ќе стапи на сила за седум дена.
Иако седиштето му е во Хаг, специјалниот суд, законски е дел од правниот систем на Косово, но е независен од косовското судство. Во него е ангажиран меѓународен персонал, а сите одлуки и именувања поврзани со овој суд, ги носи Европската унија.
Правилникот за постапка и докази беше подготвен уште во март. Сепак, еден месец подоцна, Уставниот суд на Косово пресуди дека од вкупно 208 правила, десет одредби од правилникот не се во согласност со уставот на Косово.
Судот оцени дека овие одредби не соодветствуваат со поглавјето II од уставот, кој се однесува на основните права и слободи, а врзано за човековите права во текот на истрагата и за административните работи на Специјализираните совети, како што е официјалниот назив на судот.
На судот му беше потребно уште еден и пол месец да ги заврши измените, со цел да се обезбеди примена на „највисоките стандарди на човековите права“, рече претседателката на Специјализираните совет, Екатерина Трендафилова.
Ревидираниот правилник конечно беше усвоен во средата, со што на обвинителството му се отвори пат за официјално поднесување на обвиненија и за почеток на судењата.
Следниот чекор на обвинителство
Дејвид Швендиман, главен обвинител на новоформираното Специјализирано обвинителство. Фото: Специјализирано обвинителство на Косово |
За седум дена правилникот ќе стапи на сила и тогаш Специјализираното обвинителство може да поднесе обвиненија против поранешни членови на ОВК.
Во последниве години, нашироко се шпекулираше околу имињата на оние што би можеле да бидат обвинети, особено поради тоа што во извештајот на Советот на Европа, за злосторствата и наводните сторители, се споменува и името на актуелниот претседател, Хашим Тачи.
Сепак, досега, обвинителот Дејвид Швендиман, успеа да ги задржи имињата во тајност.
Во интервјуто дадено за БИРН, во ноември минатата година, Швендиман истакна дека негова цел се осомничените злосторници, а не ОВК.
„Не гонам организација, не гонам етничка група, туку барам индивидуална одговорност за она што е направено“, рече Швендиман.
Останува да се види дали обвинителот ќе поднесе јавни или запечатени обвиненија.
За време на апсењето, обвинителот може да смета на полицијата на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, на косовската полиција, но, исто така, може да побара асистенција и од трети земји.
Законот на Косово му овозможува на Специјализираното обвинителство да има и своја полиција, но како тоа реално ќе функционира, останува тајна, поради чувствителноста на задачата. Многумина во Косово веруваат дека припадниците на ОВК што ќе бидат обвинети, доброволно ќе му се предадат на судот.
Кога станува збор за објектите за притвор, тие ќе се наоѓаат во Холандија. Полицијата, од апсењето, ќе има 48 часа, за да го донесе осомничениот пред судијата кој ќе одлучува за мерката притвор.
Мандат на судот
Плакат со ликовите на Србите киднапирани и убиени за време на војната во Косово, чии случаи сега ќе можат да завршат со обвинение / Фото: Бета |
Мандатот на Специјализираните совети се однесува на злосторствата од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година, кои се извршени во или се поврзани со Косово. Ова значи дека ќе можат да се гонат и злосторствата извршени во Албанија, бидејќи многу затвореници на ОВК, биле притворени во логори во северниот дел на оваа земја.
Кривичното ќе се гонат злосторствата против човештвото и убиствата, истребувањето, поробувањето, депортациите, затворањето, тортурата, силувањето, присилното исчезнување и другите видови на прогон врз политичка, расна, етничка или верска основа. Воените злосторства и другите кривични дела, како што се уништувањето на цивилниот имот, на градовите, селата и на верските објекти, исто така, ќе бидат кривично гонети.
Злосторства што ќе се гонат
Клинт Вилијамсон, шеф на Специјалниот истражен тим на ЕУ. Фото: СИТФ |
Последен пат, детално за наводните злосторства на ОВК, зборуваше Клинт Вилијамсон, шеф на Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ), кој ги истражуваше обвинувањата содржани во извештајот на Советот на Европа.
Вилијамсон, во 2014 година, изјави дека се собрани доволно докази за да се покрене обвинение против високопозиционирани припадници на ОВК „одговорни за кампањата на прогон насочена против Србите, Ромите и другите малцинства во Косово, но исто така и против косовските Албанци кои се сметале за соработници на Србите или, уште почесто, за политички противници на раководството на ОВК“.
Според Вилијамсон, во Косово било спроведено етничко чистење на голем број Срби и Роми.
Вилијамсон, исто така, рече дека доказите покажуваат оти тоа не биле дела на поединци, туку дела кои биле спроведени организирано и оти актите извршени по јуни 1999 година, претставуваат злосторства против човештвото.
Зошто беше потребно формирање на нов суд?
Графит против ЕУЛЕКС во Косово. Фото: Фликр, Џон Ворт |
Пред формирањето на новиот суд, три меѓународни мисии се обидоа да ги процесираат случаите наведени во извештајот на Советот на Европа.
Злосторствата извршени од членовите на ОВК во логорите во северна Албанија, за прв пат беа обелоденети од американски новинар Мајкл Монтгомери, кој своите докази ѝ ги достави на мисијата на ООН (УНМИК) во Косово. Косово, по завршувањето на војната во јуни 1999 година, беше под административна управа на УНМИК.
Писмото испратено до УНМИК, пристигна и до Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој ги истражуваше злосторствата извршени во војната во Косово.
МКТЈ имаше бавен напредок во случајот, а при истражување на наводите, наиде на многу пречки, напиша во својата книга, објавена во 2008 година, поранешната главна обвинителка на МКТЈ, Карла дел Понте.
Во книгата, Дел Понте, за прв пат јавно ги објави наводите за трговија со човечки органи, што доведе до истрагата на Советот на Европа.
УНМИК, исто така, започна истрага, но таа никогаш не доби судски епилог. Истото се случи и со ЕУЛЕКС, кој во 2008 година го презеде гонењето на воените злосторства.
По 2012 година, меѓународните сили, главно САД и ЕУ, се залагаа за формирање на специјален суд.
Тие сметаа дека судот е потребен, бидејќи косовското судство не може или не сака соодветно да ги гони поранешните високи припадници на ОВК, а дека ЕУЛЕКС нема капацитет да го стори тоа.
Главни предизвици
Центарот на Приштина непосредно пред изборите. Фото: Бета, АП |
Судот ќе се соочи со сериозни предизвици во поглед на заштитата на сведоци, но, исто така, и при обидот да оствари легитимитет кај косовските Албанци.
Во исто време, ќе биде и првиот судот во Косово кој ќе се обиде да обезбеди учество на жртвите и да воспостави механизам за репарации.
Неуспехот на меѓународните судови и мисии да ги заштитат сведоците и да обезбедат одвивање на судењата за воени злосторства без мешање на политиката, беше една од клучните причини за формирање на специјалниот суд.
Прашањето за заплашување на сведоците за прв пат беше иницирано од МКТЈ, а потоа и од УНМИК и ЕУЛЕКС.
Така, во текот на судењето, сведоците ги менуваа своите изјави и го негираа она што претходно го изјавувале во истражната фаза. Сведоците се соочуваат и со можноста да бидат отфрлени од заедницата, што се должи на фактот дека членовите на ОВК се сметаат за херои и многу косовски Албанци веруваат дека сведочењата против нив се чин на предавство.
Заштитата на сведоците, според ветувањата, ќе биде врвен приоритет на новиот суд, кој, според најавите, подготвува робустна програма.
Друго клучно прашање е легитимитетот и односите со јавноста. Во Косово, новиот суд се смета за пристрасен, бидејќи се фокусира само на едната страна на конфликтот – на активностите на ОВК, а не и на активностите на силите на Белград.
Новиот суд, за поголемиот дел од косовските Албанци, е навреда на нивната праведна борба против српската доминација и голем дел од нив најавија дека ќе излезат на протести, кога ќе бидат поднесени првите обвиненија.
Се очекува новиот суд да предизвика сериозни турбуленции на политичката сцена во Косово, бидејќи многу водечки личности на ОВК и денес имаат високи функции и големо влијание во многу општествени сегменти, вклучувајќи ја и власта и бизнисот.
На изборите кои се одржаа во Косово на почетокот на овој месец, најмногу гласови освои политички блок на тројца поранешни лидери на ОВК, кој некои набљудувачи го нарекуваат „воено крило“ или „Хашка коалиција“.
Во ваква атмосфера, односите со јавноста, најверојатно, ќе бидат една од најтешките задачи со кои досега се соочил некој меѓународен трибунал.
Оддалеченоста на советите, кои се наоѓаат во Хаг, од заедницата во која биле извршени злосторствата, најверојатно дополнително ќе ја закомплицираат комуникацијата со косовските Албанци.
Како ќе функционира судот?
Судиите на Специјализираните совети. Фото. Специјализирани совети |
Специјализираните совети претставуваат нов вид на „хибридна“ судска институција, мешавина на меѓународни и локални судски елементи; тие ќе бидат огледало на косовските судови, но ќе имаат елементи типични за меѓународните судови.
Специјализираните совети ќе се состојат од две главни институции, од совет и секретаријат. Во советот ќе влезат советот на Основниот суд, советот на Апелацискиот суд, советот на Врховниот суд и советот на Уставниот суд. Сите судски совети, на сите судски нивоа, ќе бидат составени од тројца меѓународни судии.
Секретаријатот ги вклучува канцеларијата на одбраната, канцеларијата на жртвите (што ќе ги претставува интересите на жртвите), канцеларијата за заштита и поддршка на сведоците, единицата за управување со притворот и канцеларијата на Народниот правобранител. Официјалните јазици на судот ќе бидат албански, српски и англиски јазик.
Како што постојано се посочува, Специјализираното обвинителство ќе биде независно.
Во судот и обвинителството во целост ќе биде ангажиран меѓународен персонал, а финансиските средства се обезбедени од странски донатори, пред сѐ од ЕУ и од САД.
Осудените лица казната ќе ја издржуваат надвор од Косово.