Вести

СЈО ги чека снимките на Чауш од ОЈО

dsc07734

Содржината на сите снимки од неовластено следење на комуникациите треба да ги истражува СЈО | Фото: БИРН

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) пред еден месец од Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги побарало снимките од телефонските разговори кои, според полицијата, беа пронајдени кај Зекир Бекири – Чауш, главниот протагонист во аферата популарно наречена „Фабрика за афери“, меѓутоа СЈО сè уште не ги добило овие материјали.

Од ОЈО за БИРН објаснија дека ги издвојуваат снимките од останатиот доказен материјал.

„Снимките од разговорите се наоѓаат на истиот медиум со доказниот материјал кои Основното јавно обвинителство Скопје го користи во кривичната постапка против лице викано Чауш, а која не е правосилно завршена. По завршување на законската процедура материјалот ќе биде предаден на СЈО“, информираат од Основното јавно обвинителство.

Зекир Бекири – Чауш на почетокот од летово беше првостепено осуден на две и пол години поради обвиненијата во „Фабриката за афери“.

Според Законот за СЈО содржината на сите снимки од неовластено следење на комуникациите во периодот меѓу 2008 и 2015 треба да ги истражува Специјалното јавно обвинителство.

Кога се појави оваа афера, минатата година Митко Чавков, од позиција на дополнителен заменик министер за внатрешни работи изјавуваше дека групата на Зекир Бекири – Чауш покрај тоа што изготвувала фалсификувани документи, пасоши и лични карти, со помош на снимките уценувала бизнисмени и политичари.

Тој тврдеше дека полицијата има доказ за заканите, иако никој не пријавил дека бил уценуван.

„Фабрика за афери“, според Чавков, беше доказ дека сите снимки не се предадени на СЈО и покрај тоа што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тврдеше дека ѝ ги дал на специјалната обвинителка Катица Јанева сите телефонски разговори што ги поседува.

Медиумите објавија дека кај Чаушот биле пронајдени околу 70.000 разговори на еден хард диск, а потоа полицијата информираше оти нашла уште еден хард диск и едно у-ес-бе во кое имало материјали и транскрипти кои биле креирани и додека Зекир Бекир – Чауш бил во притвор.

Заев во интервјуто за „Призма“ од почетокот на годинава, пак, тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот шеф  на тајната полиција, Сашо Мијалков, поседуваат два-три пати повеќе прислушувани материјали од него и како што тогаш кажа, очекува и ВМРО-ДПМНЕ да го предаде својот дел од прислушуваните материјали.

Досега во јавноста неколку пати се појавија компромитирачки снимки од телефонски разговори за новинари, бизнисмени и за политичари, меѓутоа засега никој не го знае нивното потекло. Пред неколку недели последен пат на Фејсбук се појавија снимки со функционери на владејачката ДУИ.