Регион

Случај „Станишиќ и Симатовиќ“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Драгослав Крсмановиќ сведочи пред ММКТ во Хаг

На судењето на поранешните шефови на СДБ Србија, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, обвинителството соопшти дека сведокот на одбраната, Драгослав Крсмановиќ, презентирал поинакви докази од оние што ги дал во своето сведочење на првото нивно судење во 2011 година, при што го доведе во прашање неговиот кредибилитет.

Јовица Станишиќ, поранешен шеф на СДБ на Србија и Франко Симатовиќ, поранешен командант на единицата за специјални операции (ЕСО) на СДБ, се обвинети за основање, финансирање и вооружување на специјални воени единици, кои извршиле злосторства во Хрватска, за време на борбите меѓу воените сили на самопрогласената Република Српска Краина и хрватската војска, од 1991 до 1995 година.

Тие се обвинети и за трајно и присилно отстранување на Хрватите и Бошњаците од поголеми делови на Хрватска и на Босна и Херцеговина, со цел воспоставување на српска доминација.

Поранешниот припадник на СДБ, Крсмановиќ, денеска изјави дека Станишиќ го замолил да спроведе истрага за наводната вмешаност на припадниците на единицата поврзана со српското Министерство за внатрешни работи, во злосторствата. Единицата, во 1991 и 1992 година, била  стационирана во Илок, источна Хрватска, а обвинителите се сомневаат дека единицата ја формирал Станишиќ.

Крсмановиќ рече дека единицата во Илок била сместена во напуштени домови на Хрвати и на други несрпски жители.

Сепак, обвинителката, Грејс Харбор, истакна дека Крсмановиќ сведочел и на првото судење на Станишиќ и на Симатовиќ во 2011 година и оти тогаш не кажал ништо за истрагата.

„Значи, да појасниме, пред осум години апсолутно не се сеќававте на оваа истрага, кој бил вклучен, на содржината или на постоењето на извештајот (за истрагата од 1994 година), каков беше исходот, а некако, во меѓувреме, успеавте да дадете страница коментари и скоро два часа детали за тие настани. Дали очекувате советот да поверува во ова?“, праша Харбор.

Крсмановиќ ја отфрли оваа критика.

„На минатото судење, се сетив на некои детали, на пример, на некои елементи од суштината на тој извештај, но не бев прашан за самиот извештај. А за деталите никогаш не се дискутираше, освен за одредени детали за кои дадов изјава“, одговори тој.

Харбор истакна дека Крсмановиќ и претходно не ја зборувал вистината под заклетва, за што Вишиот суд во Белград го осудил на 11 месеци затвор. Имено, тој беше сведок на судењето на Звездан Јовановиќ и другите членови на ЕСО, на кои им се судеше за атентат на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, извршен во 2003 година.

„Не сведочев за да го поддржам Звездан Јовановиќ, туку зборував за информациите што ги имав и кои, за жал, во тоа време не се совпаѓаа со тоа што го рече заштитениот сведок (на судењето), и затоа нашиот суд ме осуди“, одговори Крсмановиќ.

На Крсмановиќ, Јовановиќ и на пет други членови на ЕСО, во Србија им се судеше за учество во бунт против тогашната влада на Ѓинѓиќ, во ноември 2001 година. Во јуни оваа година, тие беа ослободени од ова обвинение.

Во декември 2015 година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја укина првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.