Вести

Соопштението од НОА не значи нова УЧК

Нејасното и неконкретно комунике на извесната НОА не се потврда дека зад нападот врз Владата стои токму таа организација, но нападите укажуваат дека во земјава постои големо количество опасно оружје кое претставува сериозна закана

Соопштенија од ваков тип, според светската практика, се пишуваат со строго определени барања и веднаш по нападот, вели Пивоваров | Фото: Јутјуб принтскрин

Соопштенија од ваков тип, според светската практика, се пишуваат со строго определени барања и веднаш по нападот, вели Пивоваров | Фото: Јутјуб принтскрин

Кога некој презема одговорност за акција што ја загрозува безбедноста, тоа најчесто го прави во рок од 12 до 24 часа, а не, како во случајов, после една недела, вели професорот по безбедност Владимир Пивоваров, откако „Национална ослободителна армија“ (НОА) ја презеде одговорноста за пукањето во зградата на Владата што се случи на 28 октомври.

Коминикето на организацијата која на албански јазик го има истиот акроним како и косовската Ослободителна војска (ОВК) и македонската Ослободителна национална армија(ОНА) – УЧК беше испратено до телевизијата Алсат-M.

Акцијата, како што се вели во коминикето, ја извела единицата на НОА „Хасан Приштина“, а цели биле зградата на Владата и судот. Предвидени биле и акции и врз полициски станици, но наводно биле откажани за да се избегнат човечки жртви.

Според Пивоваров, во светската практика, соопштенија од ваков тип, најчесто се пишуваат со строго прецизирани барања и веднаш по извршениот напад.

„Во случајов, имаме нејасно и неконкретно соопштение. Секој може да ја преземе одговорноста за одреден напад и такви примери има многу, за да се пробијат во јавноста и за да докажат дека се силни. Затоа велам дека воопшто не мора да значи дека НОА е одговорна за пукањето во Владата“, смета Пивоваров.

Тој посебен акцент става на типот на оружјето – 40 милиметарско оружје, пушко митралез, со краток дострел. Со ист ваков тип на оружје, според Пивоваров, беше извршен и напад на судот во протестите за случајот Монструм, како и пукањето во дворот на универзитетот.

„Според истражувањето на Обединетите Нации, во Македонија биле донесени 800.000 парчиња од ова оружје. Тој факт не смее да се занемари, а не ми е јасно ниту зошто после пукањето во Владата не беше свикан Советот за безбедност“, вели Пивоваров.

Во јавноста се шират шпекулации дека коминикето на НОА било пуштено со цел да се дефокусира јавноста од денешните протести против загадувањето од Југохром што се одржуваат во Тетово, за да се појават што помалку луѓе. На нашето прашањето упатено до Хисни Шакири, поранешниот пратеник што јавно се откажа од функцијата за да премине во редовите на ОНА, дали е запознаен со случајот, тој ни одговори:

„Немам никакви информации, само тоа што го прочитав во медиумите. Прашајте ги тие од власта, верувам дека повеќе знаат“.

Кога партијата ќе има став, тогаш ќе го изнесеме, вели Артан Груби, портпарол на ДУИ | Фото: Г. Ризаов

Кога партијата ќе има став, тогаш ќе го изнесеме, вели Артан Груби, портпарол на ДУИ | Фото: Г. Ризаов

Артан Груби, портпарол на ДУИ, ни изјави дека „кога партијата ќе има став, тогаш ќе го изнесе“.

Во соопштението на НОА, потпишано од извесен Куштрим, се вели дека „Охридскиот договор не се реализира и дека се одолговлекува неговото исполнување дека македонскиот терор на шовинистичката Влада допира дури до албанските фамилии и дека има голем број судски монтирани случаи“.

Од МВР засега не даваат поконкретно образложение за случајот.

„Истрагата продолжува да се одвива со несмален интензитет и согласно законските овастувања што ги има МВР. Се разгледуваат сите оперативни сознанија и информации што службите ги добиваат на терен, истите се проверуваат и во врска со истите се обидуваме да обезбедиме соодветни докази кои натаму би се користеле во судската постапка што би следела откако ќе бидат откриени сторителите“ вели Иво Котевски, портпарол на МВР.