Роковите за теренска проверка, нивната анализа и евентуалното бришење на спорните гласачи се претесни доколку изборите се одржат на 5 јуни. Во меѓувреме на теренот се отвораат повеќе прашања отколку решенија за отворените дилеми.
Хаос владее на теренот, каде што анкетарите од врата на врата вршат проверка на избирачкиот список. Извори за БИРН сведочат дека во некои општини анкетирањето било прекинато затоа што „спорните гласачи“ барале прашалник на албански јазик, во Ресен тројца анкетари биле изземени поради конфликт на интереси, а контролорите пак, за разлика од анкетарите, немаат возила, па мораат да ги следат пеш до местата каде што се вршат проверките.
Дополнително на ова, роковите за теренска проверка, анализа, бришење на спорни гласачи се претесни, со што во прашање се доведува легитимноста на Избирачкиот список.
До 3 април, недела, треба да бидат посетени домовите на 89.384 гласачи. Доколку изборите се одржат на 5 јуни, тогаш на 7 април треба да се самораспушти Собранието. Без Собранието пак, невозможни ќе бидат евентуални законски измени, како што веќе апелираа невладините организации, со цел да се утврди кој е точно надлежен за бришењето гласачи од Избирачкиот список.
На терен работат 488 анкетари. Заедно со нив, има и набљудувачи од четирите политички партии кои немаат право да влегуваат во комуникација со лицата кои се анкетираат при теренските проверки.
Анкетари за БИРН тврдат дека дел од лицата кои се наоѓаат на списокот „неконзистентни“ одбивале да бидат анкетирани и одбивале да соработуваат, по што анкетарите морале да го напуштат местото.
Многу од оние кои се детектирани како „неконзистентни “ на списокот кој беше објавен јавно, се чуделе како се нашле таму. Меѓу нив се и поранешниот пратеник на СДСМ Јани Макрадули, потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, главниот уредник на „Вечер“ Ивона Талевска, новинарот Ерол Ризаов, портпаролот на ДУИ Артан Груби, професорката Мирјана Најчевска и многу други личности од јавната сцена.
„Навистина е интересно како тоа моето име и името на мојот сопруг се најде на список на македонски државјани со валидни адреси, но кои ги нема во актуелните бази со кои располагаат домашните институции’, кога двајцата живееме на иста адреса веќе 35 години, работиме и сме во списоците за вработени веќе 35 години, имаме здравствено осигурување, електронски здравствени книшки и сл. Лично мислам дека ВМРО-ДПМНЕ манипулираат со моето име и името на други луѓе со цел да ја девалвираат работата на ДИК“, напиша Најчевска на својот Фејсбук профил, најавувајќи тужби за членовите на ДИК поради издавање лични податоци.
Од друга страна пак, на список граѓани кои ќе подлежат на јавна проверка ги има и гласачите од Пустец, како на пример оние кои се водат на улицата Максим Горки број 11, стан број 2 – напуштен простор каде што се впишани дека живеат дури 67 гласачи. Ги има и гласачите од улицата Васил Ѓоргов 24/27, место каде што се запишани 30 гласачи во стан кој што со години е напуштен. На списокот „неконзистенти“ се и гласачите кои се водат на адресата во Ресен на Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец. Сепак, останува неизвесно како овие гласачи би биле избришани од списокот, кога најголемиот дел од нив имаат договор за закуп и издадени документи валидни за гласање од Министерството за внатрешни работи.
Од Државната изборна комисија тврдат дека не се надлежни за бришење гласачи, но не ни ја објаснија конкретната методологија како би се носеле заклучоците кои гласачи треба да бидат отстранети од Избирачкиот список.
„Избирачкиот список е хранет со податоци од други институции. За да може да се изврши бришење, мора да имаме акт од друг правен орган. Ние не можеме да бришеме. Нашите наоди ќе ги пратиме до МВР и до Управата за водење матични книги“, вели Љупка Гугучевска, советник во ДИК.
На списокот на неконзистентни записи, пак, се наоѓаат и над 2 илјади лица за кои нема впишано адреса на живеење, па оттаму се отвора и друго прашање, како ќе се проверуваат лица на терен со непозната локација.
Спорните гласачи во Сарај барале прашалници на албански јазик
Првиот ден од теренската проверка во Сарај, каде што има најмногу спорни гласачи, била неуспешна, бидејќи гласачите одбивале да го пополнат прашалникот на македонски јазик. Тие барале прашалник на албански јазик, па вчера дополнително се печателе анкети. Дури вчера попладнето анкетарите почнале со теренските проверки.
Најголеми проблеми имало во Ресен, каде што на теренот работеле 8 анкетари. Од овие осуммина, тројца биле членови на едно семејство, а двајца од друго, односно сопругот и сопругата, блиски до ВМРО-ДПМНЕ, работат како анкетари.
Во Ресен имаше големи сомнежи за фантомски гласачи од Пустец, но на списокот „спорни“ се наоѓаат само 890 лица
Опозициската СДСМ веќе поднела жалби до ДИК за списокот на анкетари во Ресен, по што тројцата анкетари од едното семејство биле изземени, но на нивно место сè уште не се распоредени нови. Ресен важи за општина во која има голем број гласачи од Пустец.
„Анкетарите имаат две возила, а контролорите немаат, па тие мора да одат пешки по нив. Иако се должни да ги почекаат, дел анкетари си ја завршуваат работата и без нив, па додека да се најдат, анкетата веќе завршила“, велат нашите извори од Ресен.
И покрај тоа што во Ресен имаше големи сомнежи за фантомски гласачи од Пустец, на списокот „спорни“ се наоѓаат само 890 лица, од кои, како што сведочат лица од теренот, најголемиот број се жители кои никогаш немале сменето адреса на живеење.
Нема време за менување закони
Најмногу спорни гласачи во избирачкиот список има во Чаир – 17.041. Во записот за општина Чаир се водат податоци и за Бутел и Шуто Оризари. Потоа, повеќе од 11.000 спорни записи има во Куманово и Липковскиот регион, скоро 7.000 во општините Центар и Аеродром, во Карпош и Тетово над 6.000, близу 5.000 се Гостивар, а скоро 4.000 во Битола.
Невладината МОСТ веќе апелираше дека за целосно решавање на проблемите со Избирачкиот список, а посебно со гласачите од Пустец кои се запишани во голем број на една адреса, потребно е да се сменат три закони, но очигледно е дека за тоа веќе нема време, бидејќи до самораспуштањето на Собранието има само уште 8 дена.
„Потребно е да се донесат измени на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето, Законот за личната карта и, евентуално, Законот за општата управна постапка. Со овие измени би се допрецизирале условите за стекнување на живеалиште и, следствено на тоа, добивање на лична карта, а на МВР би му се овозможила и правна основа да ги поништува решенијата за доделување на живеалиште и издавање на лична карта доколку се утврдат прекршувања на овие постапки“, стои во извештајот на МОСТ.
Иако лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека е подготвена за избори на 5 јуни, од партијата се сомневаат дека ќе има време за да се добие веродостоен избирачки список.
Според Дамјан Манчевски од СДСМ, МВР до утре рачно треба рачно да провери 75.000 гласачи, а во Министерството за правда до утре треба да се проверат 71.000 гласачи за да се види дали имаат извод на родени. Кога ќе се заврши тоа, ДИК повторно треба да направи теренска проверка на овие гласачи. Дури потоа би следувало евентуално бришење.
„ДИК сè уште нема соопштено како мисли да го направи тоа. Законодавецот јасно го нема регулирано правото на ДИК да ги брише таквите гласачи. Следува дека ДИК најверојатно ќе ги доставува до МВР за бришење. Постапката е со право на жалба до второстепена владина комисија, потоа до Управниот суд и право на жалба до Вишиот управен суд“, вели Манчевски.