Во Вишиот суд во Белград, денеска беше одложено закажаното рочиште на судењето на 11-те припадници на ВЈ, кои се обвинети за воени злосторства извршени во четири косовски села, во мај 1999 година, така што со ова, поминуваат цели две години без одржана расправа во овој предмет.
Доцнењето настана затоа што судот не успеа да воспостави видеоврска со затворот во Германија, каде Зоран Рашковиќ, сведок во овој случај, издржува казна.
Вториот сведок кој требаше да се појави, Зоран Обрадовиќ, исто така, живее во Германија и не можеше да дојде во Белград. поради ситуацијата со корона вирусот.
Судијата, Владимир Дуруз, наведе дека видеоповикот не можел да се воспостави, бидејќи 1 ноември е празник во Германија.
„Беше сигурно дека ќе го сослушаме Рашковиќ до петокот попладне, кога (од затворот) ни рекоа дека морале да го префрлат од затворот каде што се наоѓа, во друга институција (поради видеоповикот), но се сетиле дека е празник“, нагласи Дуруз.
Според обвинението, членовите на 177-от интервентен вод, на 14 мај 1999 година, влегле во селата Захаќ, Ќушка, Павлан и Љубениќ и убиле најмалку 118 Албанци.
Обвинетите првично, во 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, но Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење.
Последниот сведок во овој случај беше сослушан во јуни 2019 година, а последното рочиште беше одржано на 22 ноември истата година, кога за првпат пред судот се појави обвинетиот, Предраг Вуковиќ, кој беше уапсен во Црна Гора во 2018.
Судијата Дуруз во јули годинава, кога беше одложено рочиштето, објасни дека Вуковиќ и неговата одбрана предложиле да бидат сослушани двајца сведоци, Зоран Рашковиќ и Зоран Обрадовиќ.
Тој истакна дека пресудата донесена во жалбена постапка, со која беше наложено повторно судење на овој случај, сугерирала дека во текот на првото судење, судот не вложил доволно напори за директно сослушување на сите сведоци.
Рашковиќ е поранешен соборец на обвинетите. Тој говореше во документарниот филм на БИРН „Неидентификувани“, во кој се открива командната структура на полициските и воените единици вклучени во масакрите на Косово во 1999 година.