Регион

Српски полицаец „видел камион натоварен со тела” во близина на Кравица

Филип Рудиќ, Белград

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Поранешниот полицаец, Синиша Реновица, пред Вишиот суд во Белград изјави дека во јули 1995 година, на околу еден километар од хангарот во кој бил извршен масакрот во Кравица, видел камион натоварен со тела, додавајќи дека не може да каже кои биле жртвите.

„Видов тела на луѓе … Го заобиколив (камионот) и тргнав кон Братунац”, додаде Реновица.

На прашање на судијата, кој дел од денот било, Реновица не беше сигурен. Тој, исто така, не даде ниту конкретен датум.

Реновица, кој во тоа време бил командант на полициска единица, нагласи оти подоцна од медиумите слушнал дека во Кравица се случил инцидент, кога некои бошњачки затвореници, наводно, нападнале српски стражар.

Тој нагласи оти во близина се воделе борби и дека кога го одминал хангарот, каде што биле убиени бошњачките затвореници, чул „свиреж на куршуми”.

Дел од обвинетите во овој судски процес изјавија дека тие биле уапсени во Србија, дека со сила биле регрутирани, донесени во Центарот за обука на планината Јахорина во Босна и Херцеговина и оти биле изложени на вербално и физичко малтретирање.

Реновица рече дека не знае ништо за овие наводи. „Јас немам такви сознанија“, кажа тој.

Убиствата во Кравица се меѓу неколкуте масакри што по падот на Сребреница во јули 1995 година, ги изврши Војската на Република Српска. Во овие масакри беа убиени над 7.000 бошњачки мажи и момчиња.

На осум поранешни припадници на специјалната бригада на полицијата на Република Српска, им се суди за злосторства против цивилното население извршени во селото Кравица на 14 јули 1995 година.

Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ, се обвинети дека учествувале во организирање и стрелање на повеќе од 1.300 бошњачки цивили на фармата во селото Кравица.

Обвинителството на Србија ги обвини во 2015 година, но судењето започна во февруари 2017 година, бидејќи беше проследено со одложувања.