Регион

Српските новинари ја поздравија пресудата за убиството на Чурувија

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“/Предраг Митиќ

Српските новинари ја поздравија денешната пресуда, со која четворица поранешни оперативци на ДБ, беа осудени за убиство на поранешниот новинар и уредник, Славко Ќурувија, извршено во 1999 година. Тие воедно апелираа и дефинитивно да се утврди политичката заднина на атентатот.

Бранко Чечен, поранешен колега на Ќурувија, актуелен директор на Центарот за истражувачко новинарство на Србија, изјави дека пресудата ја смета за успех, бидејќи „по 20 години елиминирање на доказите и попречување на полициските истраги”, до неа можело и да не дојде.

„Можеме да бидеме задоволни со пресудата, но нема да биде во ред, ако не се дознае кој ги уништи доказите и кој ја дал наредбата (за убиство)”, вели Чечен за БИРН.

Ќурувија е убиен во април 1999 година, пред зградата во која живеел. Неговото семејство верува дека е убиен, бидејќи бил остар противник на режимот на Слободан Милошевиќ.

За убиството на Ќурувија, Вишиот суд во Белград, осуди четворица поранешни припадници на ДБ на Србија, на вкупно 100 години затвор.

Поранешниот шеф на ДБ, Радомир Марковиќ, и шефот на белградскиот центар на ДБ, Милан Радоњиќ, беа осудени на 30, додека припадниците на ДБ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак, добија 20 години затвор.

Милош Васиќ, истакнат поранешен новинар, кој пишувал за убиството на Ќурувија, смета дека зад наредбата за убиство, стојат повеќе луѓе.

„Мислам дека … Радомир Марковиќ не можел сам да донесе таква одлука”, истакна Васиќ за БИРН.

Перица Гуњиќ, уште еден поранешен колега на Ќурувија, за БИРН нагласува оти чувствува „олеснување” и вели дека се надева на поголема казна по жалбениот процес.

„Мило ми е што имаме јасна пресуда, која објаснува како државата го организирала и извршила убиството”, потенцира Гуњиќ, денес главен и одговорен уредник на интернет порталот Цензоловка, која го основала фондацијата „Славко Ќурувија“.

Сепак, тој посочи оти е важно да се утврди кој го наредил убиството, бидејќи „има многу јасни индиции и докази, кои укажуваат на највисокиот државен врв”.

„Од сведочењето на некои сведоци, можевме да видиме како сето тоа започнало – од Слободан Милошевиќ и неговата сопруга, Мира Марковиќ”, вели Гуњиќ.

Ќерката на убиениот новинар, Јелена Ќурувија, констатира дека пресудата е „недвосмислена потврда дека државата го убила нејзиниот татко”.

„Судскиот совет ѝ испрати порака на државата, дека не може да убива политички неистомисленици, да ја користи за тоа Државната безбедност, и да помине неказнето”, изјави, Јелена Ќурувија, за Цензоловка.

Пресудата ја поздравија и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, здруженијата на новинари на Србија и претседателот на Комисијата за истражување на убиствата на новинарите од Србија, Веран Матиќ.

Одбраната соопшти дека ќе поднесе жалба на првостепената пресуда, а адвокатот на семејството Ќурувија, Слободан Ружиќ, рече оти тие се надеваат дека ќе бидат изречени максимални казни од 40 години затвор.

Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Марковиќ, поранешен началник на ДБ, го поддржал злосторството, додека тројцата припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврдеше дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се судеше во отсуство.

Марковиќ моментално отслужува казна од 40 години затвор, за убиство на поранешниот српски претседател, Иван Стамболиќ, и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ во септември 2017 беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија, во 2000 година.