Министерството за одбрана на Србија, во Белград прикажа филм за сега веќе распуштената 125-та моторизирана бригада на ВЈ, во знак на сеќавање на 40-годишнината од нејзиното основање, и покрај наводите дека бригадата била вмешана во воени злосторства, за време на конфликтот во Косово.
„Иако 125-тата моторизирана бригада беше распуштена во 2005 година, нејзиниот дух, исткаен од доблести, заедно со другите херојски единици и сите оние кои учествуваа во одбраната на татковината за време на агресијата на НАТО во 1999 година, ја формира вредносната основа врз која денешната српска војска почива“, се вели во соопштението од министерството.
Во него се нагласува оти филмот е „реализација на Дирекцијата за односи со јавноста на Министерството за одбрана и Центарот за воени филмови ‘Застава филм’“.
Овој филм е дел од серијалот од шест документарни филмови, кои ја претставуваат историјата на „некои од најпознатите единици на српската војска во модерната историја“, се додава во соопштението.
Во 2014 година, Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) на Србија започна истрага по наводите дека 125-тата моторизирана бригада била вмешана во воени злосторства. Нејзиниот воен командант, пензионираниот генерал, Драган Живановиќ, колку што е јавно познато, е единствениот генерал на ВЈ против кого се спроведуваше истрага за воени злосторства во Србија.
На 24 април 1999 година, Живановиќ им нареди на своите бригадни единици да воспостават воена контрола врз селата Ќушка и Захаќ во Косово, бидејќи се верувало оти во нив се кријат припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Обвинителството тврдеше дека Живановиќ бил свесен дека, следејќи ја оваа наредба, овие единици, вклучувајќи го и 177-от интервентен вод на ВЈ, ќе убиваат и цивили, ќе ограбуваат имоти и ќе ги протераат селаните од нивните домови.
Но, во 2017 година, ОВЗ ја прекина истрагата.
На дванаесет поранешни припадници на 177-от интервентен вод, во моментов им се суди за наводни злосторства извршени во мај 1999 година во косовските села Захаќ, Ќушка, Павлан и Љубениќ. Обвинението тврди дека тие убиле најмалку 118 Албанци.
Ова судење е придружено со постојани одложувања.