Регион

Станишиќ му бил “шеф на Ражнатовиќ”

На судењето на поранешните лидери на Службата за државна безбедност (СДБ), Србија, Јовица Станишиќ и неговиот соработник, Франко Симатовиќ, сведок на обвинителството, изјави дека паравоениот водач, Жељко Ражњатовиќ, познат како Аркан, му рекол оти Станишиќ е негов шеф.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Сведокот на обвинителството, Боривоје Савиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, изјави оти во мај 1991 година, Жељко Ражнатовиќ Аркан, му кажал дека Станишиќ е негов шеф.

Савиќ, еден од основачите на Српската демократска партија (СДС) во Вуковар, објасни дека ова Ражнатовиќ му го кажал додека биле во едно кафуле.

Савиќ вчера сведочеше дека СДБ на Србија, во пролетта 1991 година, ги испратила во Источна Славонија, паравоените сили на Ражнатовиќ, кои извршиле тешки злосторства над несрпското цивилно население.

Во своето денешно сведочење, Савиќ истакна дека паравојската на Ражнатовиќ, но и други паравоени групи, во текот на борбените операции оделе зад Југословенската народна армија (ЈНА) и ги „чистеле“ селата.

„ЈНА имаше наредба дека не смее да им направи ништо на цивилите, но зад нив одеше екипа која чистеше, а тоа се оние херои кои убиваа старци, палеа и ограбуваа”, рече сведокот.

Савиќ сведочи на повторно судење на Станишиќ и Симатовиќ, познат како Френки.

Ним повторно им се суди по обвинението за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Во текот на вкрстено испрашување, бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, го праша сведокот на која официјална положба бил Станишиќ во мај 1991 година.

„Не знам”, одговори Савиќ.

Коментирајќи ја изјавата на сведокот, оти Ражнатовиќ го контролирала СДБ на Србија, бранителот на Станишиќ сугерираше дека Савиќ не прави разлика помеѓу оваа служба и Ресорот за јавна безбедност на МВР на Србија, чиј лидер Радован Стојчиќ Баџа, делувал во источна Славонија и тесно соработувал со Ражнатовиќ.

„Стојчиќ го нарекуваа полицаецот на Милошевиќ, беше помошник на министерот за внатрешни работи на Србија, назначен за командант на Територијалната одбрана на Борово Село … Тој беше назначен од Службата”, одговори Савиќ.

На прашањето, како знае дека оружјето го праќала СДБ на Србија, а не дека, на пример, било шверцувано, сведокот одговори: „А кој може да обезбеди испорака на оружје преку граница без полиција и друга контрола? СДБ, кој друг“.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Вкрстеното испрашување на Савиќ, продолжува во четврток.

Објавено и на Балканска транзициска правда