Судијката Татјана Михајлова ги отфрли главните докази со кои располагаше Специјалното јавно обвинителство за случајот на насилство во општина Центар за што се теретат поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 други.
Станува збор за сведочење на загрозен сведок за кој, поради заштита на неговата безбедност, СЈО бараше да сведочи со скриен идентитет. Вториот доказ беа снимките односно таканаречените бомби. Судијката Михајлова ги усвои барањата на одбраната тие да не бидат земени предвид. Главната расправа е закажана за 22 февруари 2017 година.
Она што даде посебен белег на денешното рочиште беше односот на судијката кон обвинителката Фатиме Фетаи која го претставуваше СЈО.
„Да не сакате да ви го отворам јас роковникот па вие да го закажете судењето?“, и рече Михајлова на Фетаи која побара главната расправа да се одржи порано. Таа и замеруваше на гримасите и тиковите на Фетаи и неколку пати ја опомена „да не прави циркуз од рочиштето“.
Никола Груевски го напушти судот без изјава и одби да биде фотографиран на обвинителна клупа. Денешното судење е втор предмет на СЈО кој што влегува во суд.