Анализи

„Титаник“ кружи околу локалните избори во Струмица

Oд луѓе вклучени во истрагата БИРН дознава дека специјалните обвинители се интересирале за акцијата со која структури на ВМРО-ДПМНЕ наводно ја оспориле победата на Зоран Заев во првиот круг на локалните избори во Струмица, иако тоа не им успеало целосно.

SJO

Изборните измами во фокусот на Специјалното јавно обвинителство | Фото: МИА

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи минатиот петок ја нацрта скицата на злосторничкото здружување кое наводно ги криминализирало изборите за да остане на власт на локално и на државно ниво, а покрај крупните „ѕверки“, како двајцата министри и владиниот секретар, Фетаи во групата вброи пет судии од скопскиот Управен суд и четворица членови на Државната изборна комисија (ДИК) од 2013.

Нејзината колешка Ленче Ристоска предупреди дека не можат да откријат повеќе детали за случајот „Титаник“, меѓутоа БИРН од луѓе вклучени во истрагата дознава дека специјалните обвинители се интересирале за акцијата со која политичкиот противник ја оспорил победата на Зоран Заев во првиот круг на локалните избори во Струмица.

Иако Специјалното обвинителство во случајов нема да ги користи „бомбите“, сепак прислушуваните разговори, официјалните документи на ДИК и информациите од медиумите, можат да доловат што се случувало на релација Скопје – Струмица на самите избори, како и неколку дена подоцна.

Партијата на Никола Груевски и за овој сет прислушувани разговори, кои СДСМ ги објави прво во Универзална сала, а потоа и во Струмица, го повтори познатиот став.

„СДСМ ги повторува своите прес-конференции полни со креирани, монтирани, лепени и прелепувани телефонски разговори, одработуваат туѓо сценарио само да се доберат до власт без поддршка од граѓаните“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ лани во март.

Едно ливче навистина снемало

Ако се следи објавеното од „бомбите“ сѐ почнува со еден еуфоричен телефонски разговор, кој според СДСМ, е меѓу Јанкулоска и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Славе Гошев. Разговорот, според содржината, упатува дека се одвивал вечерта на 24 март 2013, по 19 часот, откако се затворени избирачките места по првиот изборен круг и откако почнале да се бројат гласовите.

Гошев рапортира дека нивниот кандидат за градоначалник, Васил Пишев, губи од Зоран Заев со 500 гласа разлика и предлага да направат инцидент за да има прегласување во трите избирачки места каде што сѐ уште не се избројани гласовите и каде што мнозинството гласачи се Роми.

Планот бил со прегласувањето да се намали цензусот и на тој начин да се осуети победата на Заев уште во првиот круг, a во вториот круг сите министри од ВМРО-ДПМНЕ да дојдат во Струмица и да агитираат за Пишев.

„Шо да напраеме, ај кажувај“, се бара совет од Јанкулоска.

Во моментот гласачките места се затворени, маневарот е стеснет, меѓутоа, сепак, има предлог: „Не потпишувајте записници – приговори, нешто така, да се прегласа. Некое ливче нека снема!“, финишира разговорот.

Дел од она што го договараат гласовите на аудио снимката се остварува преку приговорите на ВМРО-ДПМНЕ до ДИК поднесени од тогашниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски, кој исто така е еден од осомничените во случајот „Титаник“.

Владејачката партија веднаш по првиот круг го обжалила гласањето во три избирачки места во Струмица, меѓутоа вредни за опсервација се причините поради кои ВМРО-ДПМНЕ бара поништување на гласањето.

Интересно е дека сугестијата „некое ливче нека снема“ се остварила во буквална смисла, односно ВМРО-ДПМНЕ барало да се поништи гласањето на избирачкото место 1.727, бидејќи во гласачките кутии имало токму – едно ливче помалку од бројот на лицата што гласале.

Ваквиот инцидент, да има помалку ливчиња отколку луѓе што гласале, не е предвиден со Изборниот законик и тој ја санкционира само спротивната ситуација, кога има повеќе ливчиња во кутијата отколку луѓе што гласале. И покрај тоа, ДИК го прифатила овој приговор на ВМРО-ДПМНЕ и имало прегласување на ова место.

edno livce neka snema

Во вториот приговор на ВМРО-ДПМНЕ до ДИК, ген-секот Кирил Божиновски образложил дека една жена не можела да гласа на избирачкото место 1.730, бидејќи некој веќе гласал наместо неа. За одлуката на ДИК да го поништи гласањето и во 1.730, реагираше невладината МОСТ со образложение дека комисијата не била конзистентна при одлучувањето.

МОСТ констатирал дека за сосема иста повреда, гласање во име на друг, ДИК прифатил приговор на една партија, иако со приговорот немало забелешка во записникот, додека во друг случај комисијата одбила друга партија што поднела прилог со забелешки во записникот.

Третиот приговор на партијата на Груевски за изборите во Струмица се однесува на тоа дека едно лице ставило две ливчиња во гласачката кутија и на тоа дека активист на СДСМ агитирал на избирачко место, меѓутоа претседателот на Општинскиот избирачки одбор пред ДИК аргументирал дека гласачот по грешка добил две ливчиња и оти второто ливче никогаш не влегло во кутијата, било ставено во коверт како неупотребено и никој од избирачкиот одбор немал замерки за тоа како бил решен проблемот.

Преправани резултати во Чаир

За сите три случаи тогашниот претседател на ДИК, кој е од редовите на СДСМ, Борис Кондарко, побарал да се направи увид во изборниот материјал, меѓутоа мнозинството во комисијата одлучило дека тоа не е потребно. И во оваа ситуација, според МОСТ, ДИК била неконзистентна споредено со тоа како реагирала за увидот во материјалот на друго избирачко место.

ДИК со четири гласа за и три против ги прифатило трите приговори на ВМРО-ДПМНЕ и го поништило гласањето во овие избирачки места, а потоа иста одлука ја донел и Управниот суд по тужбите на СДСМ.

Вкупниот број на гласачи во овие три места бил 3.255, од кои на локалните избори во првиот круг гласале 2.553 граѓани. Имало прегласување, меѓутоа не и втор круг, бидејќи Заев победи при повторното гласање.

IZVESTAJ_2013.pdf

Она што е интересно во овој случај е што власта мнозинството не го обезбеди со помош на членот на ДИК, Субхи Јакупи од коалициониот партнер ДУИ туку со поддршката од ДПА и од нивниот претставник во комисијата Бедредин Ибраими.

Новинарите тогаш известуваа дека Ибраими не дискутирал по предлозите за поништување на гласањето на три места во Струмица, меѓутоа сепак гласал во корист на ВМРО-ДПМНЕ, а оваа необична ситуација се објаснува со други разговори од „бомбите“.

Имено, во циклусот на објавени снимки од страна на СДСМ се наоѓа и разговор за кој се тврди дека е на тогашниот премиер Никола Груевски со уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ – Латас. Во тој разговор се открива дека Груевски договарал со ДПА да ги поддржи за Струмица. Друга снимка пак, за која се тврди дека е меѓу Сашо Мијалков и Мендух Тачи, го доловува целиот „пазар“.

„Имам една хитна ургенција до тебе. Може ли да гласате за нас, сега за Струмица у ДИК?“, го замолува Мијалков Тачи, по што тој се сложува.

Потоа, веднаш се јавува на Бедредин Ибраими од ДИК и буквално му наредува да ги поддржи ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што вели, „се договориле за Чаир“.

Токму за случајот во Чаир, Специјалното јавно обвинителство информираше дека отвори истрага и против членови на општинската изборна комисија, затоа што, според СЈО, „постои основано сомнение дека преправале резултати на локалните избори во оваа општина“.

Според информации на БИРН на 13 избирачки места биле поправени изборните резултати, биле додадени вкупно неколку стотици гласови, со цел кандидатот на ДУИ за градоначалник, Изет Меџити, да победи во Чаир уште во првиот круг.

За овој случај СЈО го сомничи членот на избирачкиот одбор во Чаир, Исмет Гури, кој по заминувањето од распитот пред судијата на претходна постапка одби да ги коментира информациите на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.