Вести

Високи припадници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за злосторства против човештвото

Едона Пеци – Приштина

Во извештајот на ЕУ се вели дека високи припадници на Ослободителната војска на Косово, ќе бидат кривично гонети за злосторства против човештвото, вклучувајќи убиства и киднапирања, но оти сé уште нема доволно докази за обвиненија за трговија со органи.

Клинт Вилијамсон, шеф на специјалниот истражен тим на ЕУ | Фото: Совет на Европа

Клинт Вилијамсон, шеф на специјалниот истражен тим на ЕУ | Фото: Совет на Европа

Во извештајот објавен во вторникот од страна на специјалниот истражен тим на ЕУ, се вели дека неименувани „високи функционери на поранешната ОВК“, ќе се соочат со обвиненија за злосторства против човештвото и други злоупотреби извршени по конфликтот во 1999 година.

„Овие лица ја сносат одговорноста за кампањата на прогон, насочена против Србите, Ромите и другите малцинства на Косово, но и кон други косовски Албанци кои тие ги етикетирале или како соработници на Србите или, што бил почест случај, едноставно како политички противници на раководството на ОВК“, изјави на прес-конференција во Брисел, Клинт Вилијамсон, главен обвинител на специјалниот истражен тим.

Нивните злосторства вклучуваат „убиства, киднапирања, присилни исчезнувања, незаконски затворања во логори во Косово и Албанија, сексуално насилство, други форми на нехуман третман, принудно раселување на поединци од нивните домови и заедници, и сквернавење и уништување на цркви и други верски објекти“, рече Вилијамсон.

„Веруваме дека доказите покажуваат оти овие злосторства не биле акти на поединци кои работеле на своја рака, туку акти спроведени на организиран начин, одобрени од страна на одредени поединци на највисоки раководни нивоа на ОВК“, додаде тој.

Тој потенцира дека има „големи индиции“ оти припадници на ОВК „убиле неколку поединци со намера да им ги отстранат органите“.

Но, наводите дека стотици затвореници биле убиени, а нивните органи продавани, се „во целост неосновани“.

„Нема индиции дека ова било широко распространето“, рече тој.

Вилијамсон објасни дека сé уште нема доволно докази за подигнување на обвиненија за трговија со органи, но оти не се отфрла можноста вакви обвиненија да бидат покренати во иднина.

Во извештајот се изразува загриженост за, како што се вели, постоење на „клима на заплашување на сведоците“ во Косово, нагласувајќи дека имало обиди да се влијае врз сведоците во текот на истрагата на специјалниот тим.

„Се додека неколку моќни луѓе продолжуваат да ја попречуваат истрагата за нивните криминални дела, цената ќе ја плаќа сиот народ на Косово, бидејќи ова се надвива како темен облак над земјата“, стои во извештајот.

Реагирајќи на извештајот, косовската влада соопшти дека ова е „важен чекор за одредување на потенцијалната одговорност на поединците и за ставање крај на неоснованите тврдења и обвинувања”.

Специјалниот истражен тим беше формиран во 2011 година, со задача да ги истражи наводите од контроверзниот извештај на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти.

Во извештајот на Марти се вели дека поранешни високи припадници на ОВК, меѓу кои и косовскиот премиер Хашим Тачи, се поврзани со организиран криминал и трговија со органи на српски и други затвореници, спроведувани во Албанија за време на војната 1998-1999.

Како што се сугерира во извештајот, можно е мрежата на нелегална трговија со органи да била водена од вила во градот Фуше Крује во Албанија, каде што биле убиени неколку Срби и Албанци, чии бубрези биле извадени заради продажба.

Извештајот детализира и други кршења на човекови права од страна на лица поврзани со поранешна ОВК.

Обвинетите остро ги отфрлаат овие наводи.

Инаку, следната година со работа треба да започне нов специјален трибунал, со меѓународни судии, што ќе ги води случаите на наводни злосторства извршени од страна на поранешни борци на ОВК за време на војната, кој ќе биде стациониран во Холандија.

Сторијата е објавена на Балкан Инсајт и на Балканска транзициска правда