Вести

Влијанието на Орбан врз балканските и европските медиуми

Унгарскиот премиер Виктор Орбан | Фото: miniszterelnok.hu

Нов извештај од Меѓународниот прес институт (ИПИ) ги покажува начините на кои унгарскиот премиер Виктор Орбан го шири своето влијание врз медиумите на Балканот и во Европа.

Насловен како „Унгарскиот капитал во странските медиуми, три стратешки модели на ширење влијание во соседството“,  тој вклучува и написи за тоа како, каде и зошто Унгарија инвестирала во странски медиуми, во последните години.

Дел од извештајот се осврнува и на тоа како бизнисмените блиски до премиерот Виктор Орбан и до неговата владејачка партија Фидес купувале медиумски фирми во Словенија и во Северна Македонија од 2017 година.

„Додека политичарите на Фидес упорно тврдат дека тие инвестиции се строго комерцијални, големото вложување во медиумите беше искористено за да се поддржи партијата СДС на словенечкиот премиер Јанез Јанша и партијата ВМРО-ДПМНЕ на поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, кој е во бегство“, велат од ИПИ. Јанша е близок сојузник на унгарскиот премиер.

Во друг дел од извештајот се фрла светло врз влијанието на Фидес врз медиумите на унгарското малцинство во Србија, Романија и во Словачка, кои, исто така, добивале финансиска поддршка од Будимпешта по што ја усогласиле својата уредувачка политика со популистичкиот наратив на Орбан.

Третиот дел од извештајот обрнува внимание на основањето на новата меѓународна новинска агенција В4НА, отворена во 2019 година во Лондон, која го проширува наративот на Фидес подалеку врз целиот европски медиумски пејзаж.

ИПИ е меѓународна асоцијација на медиумски професионалци што ги претставуваат водечките дигитални, печатени и радиодифузни медиуми во речиси 100 земји, посветени на одбрана на медиумските слободи и на слободниот проток на вести.

Текстовите во последниот извештај на ИПИ беа изработени од ИПИ во соработка со БИРН, унгарскиот портал за истражувачко новинарство Атлатсо, на неговиот романски партнерски портал Атлатсо Ердели (објавува на унгарски јазик), како и на Центарот за медиуми, податоци и општество на Институтот за демократија при Централноевропскиот универзитет.