Владејачката партија на вчерашните преговори на работните групи предложила посебен закон за владините реклами, а паднал предлог и за тоа вестите на МРТВ да бидат поделени согласно резултатите од изборите
ВМРО-ДПМНЕ ќе предлага нов закон што би го регулирал владиното рекламирање, дознава БИРН од извори во СДСМ, откако вчера се одржаа преговори на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино.
Сè уште не е познато што би содржел законот, но она што е очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од објавувањето владини реклами, за кое овојпат инсистира да биде регулирано со посебен закон.
Главен преговарач на вчерашните преговори бил Никола Тодоров, придружуван од пратеникот Илија Димовски. Нивниот предлог, како што велат нашите извори, бил медиумскиот простор на јавниот сервис да биде поделен согласно резултатите од изборите. По негодувањата на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ го омекнале ставот, па предложиле ова да се однесува само во делот на информативната програма, односно за вестите.
„Ова би значела целосна партизација на јавниот сервис“, велат од СДСМ за БИРН.
Во делот на функционирањето на МРТВ, владејачката партија предложила и 100-те дена пред избори првиот канал на јавниот сертвис да има двајца уредници, едниот предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а вториот предложен од СДСМ. За вториот канал на албански јазик, би важело истото, со тоа што еден уредник би бил предложен од ДУИ, а друг од ДПА.
Предлогот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е и финансирањето на МРТВ да се зголеми, од 0,14 отсто од буџетот на 0,17 отсто.
На маса се нашол и предлогот казните за медиумите да се намалат и да се усогласат со Законот за прекршоци, а како медиум да се признава само трговско друштво. За опозицијата, според изворите од СДСМ, ова е неприфатливо, бидејќи во тој случај на новинарите кои работат во веб-порталите би им била ускратена можноста за акредитирање во јавни институции, а со тоа и на следењето на актуелните настани.