Непосредно пред затворањето на веб-страницата на ДИК за пријавување нерегуларности, БИРН направи споредба меѓу податоците од Избирачкиот список и од Државниот завод за статистика, преку која се доаѓа до апсурдни податоци. Според нив, произлегува дека во Македонија нема деца под 6 годишна возраст, а во Охрид, Пласница, Ново село и други општини, има повеќе гласачи од жители.
Доколку се споредат податоците од Избирачкиот список со податоците за бројот на населението од Државниот завод за статистика, произлегува еден апсурден податок дека во Македонија нема лица под 6-годишна возраст.
Според Избирачкиот список, во Македонија има 1.804.644 гласачи, а според Државниот завод за статистика (податоци од средината на 2014 година), во земјава има 2.067.471 жители. Доколку се одземе повисоката бројка од помалата, треба да се добие податокот за бројот на малолетни граѓани, кои немаат право на глас. Така и се доаѓа до бројката од 262.827 малолетни лица во државава.
Но, оваа бројка не кореспондира со онаа на Државниот завод за статистика. Имено, ако се погледнат бројките за број на ученици во основното и средното образование, се доаѓа до податокот дека во земјава има 275.687 основци и средношколци, во учебната 2014/2015 година. Во оваа бројка не влегуваат децата кои не одат во училиште, односно имаат под 6 години.
Според ова, ако во земјава има 262 илјади малолетни лица, а 275 илјади се основци или средношколци (што само по себе е невозможно), произлегува дека во земјава нема дете што има под 6 или 7 години (зависно од тоа кога тргнало во училиште).
Од друга страна, податоците од статистика говорат дека во последниве шест години (2009 – 2014 година) биле родени вкупно 141.052 деца.
Ваквите бројки внесуваат дополнителна конфузија околу бројот на населението во земјава и вистинската бројка на гласачи.
Охрид има повеќе гласачи од жители
Ваква „весела математика“ може да се направи и доколку се споредат бројот на гласачи по општини, според Избирачкиот список, со бројот на жители во општините. БИРН правеше споредба меѓу сите општини и број на гласачи, по што произлезе дека во некои општини има повеќе гласачи од жители.
Еклатантен пример е Охрид, каде што во Избирачкиот список има 52.587 гласачи, а според проценките од Заводот за статистика, во 2014 година имало 52.262 жители. Според ова, произлегува дека Охрид не само што нема малолетни граѓани, туку има и 325 лица кои гласаат во општината, а не живеат таму.
Слична е ситуацијата и со Ново село, каде што има 11.441 гласачи, а според Државниот завод за статистика, општината има 10.911 жители, што е разлика од 530 лица.
Ист е случајот и Пласница, каде што во Избирачкиот список се впишани 4.922 гласачи, а според Заводот за статистика има 4.871 жители.
Ако се земе за пример Центар Жупа, може да се види дека во општината има 7.030 жители, а 6.715 гласачи, што би значело дека во оваа општина има само 315 малолетни деца. Но, ако се провери статистиката на население според возраст, се гледа дека во оваа општина живеат 1.293 лица под 19 години. Дел од нив се полнолетни, но сепак, останува голема „дупка“ и нејаснотија за бројот на малолетни во оваа општина, бидејќи споредбените податоци од ДИК и од Заводот за статистика немаат никаква логика.
Сличен е случајот и со Делево – општината има 16.454 жители, а 15.095 гласачи што би значело дека таму има само 1.359 малолетни лица. Годишниот извештај на статистика пак, покажува дека во оваа општина има 3.158 лица до 19 години.
Бројот на иселениците го мати Избирачкиот список
Иселените лица кои не се пријавиле дека се иселени, реално се најголемиот „проблем“ во правењето споредба во податоците, велат упатените лица што ги консултираше БИРН. На сето ова, кога ќе се додаде и податокот дека последниот попис во Македонија бил извршен во 2002 година, станува јасно дека е речиси невозможно да се знае точниот број на жители и бројот на иселени.
„Надворешните миграции се најтешки за да се следат, бидејќи лицата најчесто не го пријавуваат тоа. Проценките што ги врши Заводот за статистика се толку точни колку што има точни влезни податоци. Од друга страна, заводот располага со податоци за внатрешните, но тешко се следат надворешните миграции“, вели Катерина Костадинова Даскаловска, поранешна директорка на Заводот за статистика.
Не е најјасно ниту дали попис би ја решил оваа чудна математика која произлегува од бројките со кои располагаат институциите.
„Попис можеби би го решил проблемот, но само ако има измени во методологијата на работа. Тоа го тврдев уште во 2002 година и стојам на тој став. На пример, ако се направи попис и ако се утврди дека одредено лице една година не дошло во земјава, тој не треба да гласа во Македонија, туку во дипломатските претставништва, доколку го задржал македонското државјанство“, вели демографот Никола Панов, додавајќи дека во моментов, во земјава сè е сведено на „проценки“, а не на официјален податок.
Македонија нема точна бројка за тоа колку лица се трајно иселени од Македонија, а очигледно, нема ниту официјален податок за бројот на жители.
Ниту една институција ниту невладина организација досега нема преброено повеќе од 2.1 милиони жители во земјава
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во колумна за „Дневник“ објавена неодамна, тврдеше дека Македонија има 2,4 милиони жители. Тој својата теза ја поткрепи со податокот дека Избирачкиот список се подготвува врз база на регистарот на државјани на Македонија, кој го води Министерството за внатрешни работи (МВР), а во него бројот на државјани на нашата држава е поголем од 2,4 милиони.
Последниот официјален податок за тоа колку жители има Македонија е од пописот во 2002 година, според кој Македонија има 2.022.547 жители.
Според последниот податок од Државниот завод за статистика (состојба од 30 јуни 2014 година), Македонија има 2.067.471 жители, а според студијата „Преглед на светската популација“ во Македонија во 2015 година имало 2.078.000 жители.
Сепак, ниту една институција ниту невладина организација досега нема преброено повеќе од 2.1 милиони жители во земјава.
И додека Македонија се обидува да се преброи, граѓаните масовно пријавуваат нерегуларности во Избирачкиот список. До вчера напладне 5.000 граѓани пријавиле фантомски гласачи на нивните адреси, лица кои ги има на Избирачкиот список, а се починати итн. Вчера на полноќ заврши опцијата за пријавување на нерагуларности.
ДИК извести дека извештајот за добиените резултати од вкрстените проверки, ќе го разгледа на јавна седница во среда. Потоа ќе се почнат подготовки и активности за теренска проверка.