Вести

Во Палатата на ВМРО само четворица вработени

dsc_0795

Во таканаречената „Бела палата“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски која се протега на 4 илјади квадратни метри вработени се само 4 лица, утврди БИРН. Всушност, ова е зголемување во однос на 2014 кога таму беше вработен само еден човек.

Помалку вработени од ВМРО-ДПМНЕ има Демократската унија за интеграција (ДУИ) со тројца вработени. Најголемата опозициска партија СДСМ има 30 вработени.

Единствени вработени во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, сега се поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, портпаролот на партијата Иво Котевски и Јохан Тарчуловски, кој е на кандидатската листа за пратеници за изборите во недела.

Котевски не одговори на нашите повици да образложи зошто најголемата партија во земјава има само четворица вработени и каков статус имаат лицата кои секодневно доаѓаат на работа во објектот кој само според својата големина претпоставува ангажман на повеќе луѓе само за одржување.

Иако ретко кој може да влезе во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ненајавен и без одобрување, оние што успеале да влезат, сведочат за БИРН дека внатре треба да се помине преку обезбедување, рецепцијата, секретарки…

Неизвесно е каде на кој платен список се водат овие луѓе, дали можеби работат хонорарно или пак, волонтираат. Од владејачката партија нема одговор.

БИРН веќе пишуваше дека најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година за плати и надоместоци пријавила трошоци од само 197 илјади денари. Според ова, можеше да се претпостави дека владејачката партија во 2014 година имала само еден вработен, кој земал бруто плата од 16.491 денар.

Во 2015 година, пак, според годишниот финански извештај на ВМРО-ДПМНЕ, сумата за плати и надоместоци видно се зголемува и изнесува 1,9 милиони денари. И во случајов, ако тргнеме од најниската месечна бруто плата во Македонија, 15.822 денари,  произлегува дека најголемата владејачка партија во 2015 немала повеќе од 125 вработени.

Сумата на исплатени плати за 2016 година ќе се знае дури во март наредната година, кога даночните обврзници ќе треба да ги поднесат завршните сметки за претходната година. Она што засега е познато е дека поранешната министерка Јанкулоска од партијата зема плата од 63 илјади денари. Овој податок го има објавено нејзиниот сопруг Влатко Илиевски, кој работи како претседател на Инспекциски совет, а со тоа има и обврска да го пријави имотот и на сопругата.

Сопругата на Иво Котевски, пак, судијката Маја Маркова Котевска, во Антикорупциската комисија нема пријавено колкава плата зема нејзиниот сопруг.

Имотот, вработените и приходите на владејачката партија долго време се на тапет во јавноста токму поради нетранспарентноста, изобилието со кое располагаат и сомнежите за финансирањето.

Во јавноста деновиве протекоа фотографии кои наводно се од седиштето на владејачката партија. Палатата  располага со скапоцени лустери, скапи теписи, фотелји, но и блиндирани прозорци во кабинетот на Никола Груевски.

БИРН веќе пишуваше за тоа како со малку пари и со неприкосновена политичка моќ може да се дојде до голем имот и го изгради објектот кој личи на неокласичен дворец на осум ката.

Имотот на владејачката партија беше предмет на истражување на СКУП и НоваТВ, коишто го открија имотот на ВМРО-ДПМНЕ во кој има станови, ниви и пасишта низ цела држава, и наводно вреди околу 60 милиони евра.