Иако домашниот судски процес за предметот „Маѓар телеком“ што се води во Кривичниот суд и по десет години е без пресуда, денеска заврши друг судски процес, каде што тужители се Али Ахмети и Муса Џафери, а тужен е поранешниот разузнавач Слободан Богоевски.
Судењето почна во 2017 година. Тогаш Ахмети и Џафери го тужеа Богоевски пред граѓанскиот суд дека ги наклеветил во сведочењето пред Американската комисија за хартии од вредност, во постапка што се водела пред Окружниот суд во Њујорк во 2014.
Богоевски, толкувајќи го потпишаниот Протокол меѓу македонската влада и Маѓар телеком, ги појаснил иницијалите во документот (А.А. и М.Џ.), па рекол дека тоа се функционерите на ДУИ што зеле поткуп од 7,5 милиони евра за да обезбедат гаранција дека на македонскиот пазар нема да влезе друг телекомуникациски оператор.
Незадоволни од одлуката на скопска Апелација, тужителите преку своите адвокати ја обжалиле пресудата до Врховниот суд преку барање за ревизија.
Петтемина врховни судии оцениле дека исказот на Богоевски даден пред американските власти не е клевета и навреда, бидејќи се дадени во официјална судска постапка.
„За дадено мислење во судска постапка, тужениот не може да биде одговорен за клевета и навреда, затоа што таа изјава е дадена пред службени лица“, пишува во пресудата.
Судиите навеле дека и Богоевски немал никаква намера „тенденциозно да се деградираат личностите на тужителите“, а во сведочењето кажувал работи што му биле познати и самиот ги засведочил.
Ахмети и Џафери, на Богоевски, наместо да добијат 2,5 милиони евра, кои ги бараа како надоместок за нематеријална штета, сега треба да му платат околу 500 евра за одговорот на нивното барање за ревизија и судски трошоци.