Актуелно

Заев бил незаконски следен за „Пуч“

Наредбата за следење на комуникациите на Заев ја издал ненадлежен судија и тие докази мора да се уништат, а снимките од средбата Заев-Груевски да не се користат, бидејќи излегоа во јавноста – бараат адвокатите на Заев од судот.

Во предметот „Пуч“ со наредба на судија на претходна постапка на Основниот суд Скопје 1 била дадена наредба за посебна истражна мерка „следење и снимање на телефоните и другите електронски комуникации“ на Зоран Заев и другите обвинети / Фото: СДСМ

Со наредба на судија на претходна постапка била дадена наредба за „следење и снимање на телефоните и другите електронски комуникации“ на  Заев и другите обвинети | Фото: СДСМ

Одбраната на Зоран Заев побара Советот за оценка на обвинението од одделот за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 да ги издвои од предметот доказите собрани со посебните истражни мерки (ПИМ) за следење на комуникациите на Заев и другите обвинети во „Пуч“, бидејќи биле незаконски собрани.

Законот пропишува дека наредба за следење на комуникациите за кривични дела против државата издава судија на Врховниот суд на Република Македонија, а во „Пуч“ тоа го сторил судија на Основниот суд Скопје 1.

Во предметот „Пуч“ со наредба на судија на претходна постапка на Основниот суд Скопје 1 била дадена наредба за посебна истражна мерка „следење и снимање на телефоните и другите електронски комуникации“ на Зоран Заев и другите обвинети. Наредбата ја издал судијата по барање на Јавен обвинител од обвинителството за организиран криминал и корупција.

Но, кога станува збор за кривични дела против државата, како што се „шпионажа“ и „насилство спрема највисоките претставници на власта“, законот пропишува посебна постапка: министерот за внатрешни работи да поднесе предлог до Јавниот обвинител на Република Македонија, а Јавниот обвинител понатаму го поднесува барањето до судија на Врховниот суд кој издава наредба за примена на посебни истражни мерки.

Во случајот „Пуч“ обвинителот и судијата целосно ја промашиле постапката и издале наредби, иако не биле надлежни за тоа поради што врз добиените податоци не може да се базира судска одлука, тврди одбраната на Заев.

„Во конкретниов случај, јасно е дека при примена на посебните истражни мерки не е постапено согласно со одредбите на законот и затоа бараме Советот за оценка на обвинителниот акт да донесе посебно решение со кое сите докази собрани со ПИМ мерките да ги издвои од списите на предметот“, наведе одбраната во барањето до судот.

Меѓу доказите за кои се бара отстранување се и снимките од средбите во Владата помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев, кои веќе беа објавени во одредени медиуми, што е спротивно на закон, пишуваат адвокатите до судот.

Според нив, согласно чл. 264 од ЗКП, секое лице кое на кој било начин дознае податоци што се однесуваат или произлегуваат од примената на посебните истражни мерки е должно да ги чува како службена тајна.

„Очигледно дека некои од службените лица, кои имале допир со овие материјали сториле кривично дело ‘оддавање на државна тајна’. Посебно кривично дело ‘оддавање на државна тајна’ од чл. 317 од КЗ има сторено Никола Груевски, кој на прес-конференција од 25.02.2015 година, јавно изнесува содржина на применетите посебни истражни мерки. Во врска со ова, веќе е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство“, стои во дописот.

Адвокатите побараа издвојување на доказите од предметот кои се однесуваат и на „дешифрираната“ комуникација , која се појави во јавноста и се однесува на наводната комуникација на Александар Верушевски преку СМС- пораки, како и ПИМ мерките кои ја опфаќаат комуникацијата меѓу Зоран Верушевски, неговата сопруга и синот..

Одбраната се повика на член 259 од ЗКП каде што е предвидено дека изјавите добиени со ПИМ мерки од лица кои согласно со овој закон се ослободени од обврската за сведочење, не можат да се користат како доказ.

Адвокатскиот тим на обвинетите од „Пуч“ побара од доказите да се издвои и пресудата склучена врз основа на спогодба помеѓу Јавното обвинителство и обвинетиот Звонко Костовски, кој веќе е осуден на казна затвор во траење од 3 години.

За нив, не се познати индивидуалните мотиви што го натерале Костовски да склучи спогодба со Јавното обвинителство, но тоа што склучил спогодба никако не смее да влијае на позицијата на останатите осомничени во постапката.

За судијата и обвинителот кои ги издале незаконски посебните истражни мерки веќе е побарана кривична одговорност.

Одлуката за „Пуч“ треба да се донесе за 15 дена

Судиите на Кривичниот суд во Скопје имаат рок од 15 дена да одлучат дали ќе го прифатат обвинението и предметот ќе биде испратен на судење или ќе го вратат на доработка во обвинителство | Фото: БИРН

Судиите на Кривичниот суд во Скопје имаат рок од 15 дена да одлучат дали ќе го прифатат обвинението или ќе го вратат на доработка во обвинителство | Фото: БИРН

По денешната седница на Советот за оценка на обвинението, судиите на Кривичниот суд во Скопје имаат рок од 15 дена да одлучат дали ќе го прифатат обвинението и предметот ќе биде испратен на судење или ќе го вратат на доработка во обвинителство.

„Обвинителството има доволно докази со кои се потврдува дека обвинетите ги сториле кривичните дела. Јас сум убеден дека судот ќе донесе осудителна пресуда на вака подготвеното обвинение и во целост останувам на наводите содржани во него“, рече јаввниот обвинител Златко Биковски од Берово, кој заедно со неговата колешка Лиле Стефанова од Радовиш го застапуваат обвинието за случајот „Пуч“.

Одбраната бараше судот во целост да го отфрли обвинението бидејќи не може да има „шпионажа“ доколку не е позната земјата или организацијата за која се шпионирало, ниту пак може да има „насилство“ над премиерот Никола Груевски од страна на Зоран Заев, бидејќи на средбата Груевски бил како лидер на владејачката партија, а по закон, тој не ја избира Владата, туку Собранието и не може да има закана кон него да направи нешто за што нема законска можност.

Тројцата судии, Горан Бошевски, Огнен Ставрев и Верка Петковска кои го сочинуваа Советот за оценка на обвинението, на барање на одбраната имаат можност да донесат решение да ги издвојат доказите собрани со Посебните истражни мерки (ПИМ), да го одобрат другиот дел и да дозволат судење или да го вратат во обвинителството.

На денешната седница, која беше отворена за јавност и е прва од ваков вид според новите одредби на Законот за кривична постапка, од истражниот затвор беа донесени обвинетите: Зоран Верушевски, Ѓорѓи Лазаревски, Соња Верушевска и Бранко Палифров.

Зоран Заев не присуствуваше на судското заседание. Неговите адвокати го известија судот дека бил службено спречен да дојде на судење.