Регион

Започна повторното судење на Насер Ориќ

Албина Соргуч, Сараево

Насер Ориќ | Фото: Марио Иличиќ/БИРН

На поранешниот командант на Армијата на Босна и Херцеговина за Сребреница, Насер Ориќ, повторно му се суди за воени злосторства, односно за убиство на тројца српски затвореници во 1992 година, откако во првостепената постапка беше ослободен.

Повторното судење на Насер Ориќ и неговиот подреден, Сабахудин Мухиќ, обвинети за убиство на тројца српски заробеници во местата Залазје, Лолиќи и Куњерац, во регионот на Братунац и на Сребреница, во 1992 година, започна пред Судот на БиХ.

Повторното судење се одржува откако Апелацискиот совет ја поништи ослободителната пресуда што во јуни оваа година им беше изречена на Ориќ и на Мухиќ.

Првостепеното судење предизвика контроверзии, бидејќи многу Бошњаци го сметаат Ориќ за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница пред масакрот во 1995 година, а од друга страна, многу Срби сметаат дека обвиненијата против него биле премногу благи.

По излагањето на уводните зборови, на денешното рочиште сведочише, Радивоје Остојиќ, поранешен припадник на Војската на Република Српска (ВРС), кој рече дека двапати бил ранет за време на нападот на селото Залазј, во јули 1992 година.

„Ми истече многу крв …“ рече Остојиќ и додаде дека за време на нападот, го видел убиениот Драган Ракиќ.

Според сведокот, тој, заедно со соборците, отишол во куќата на Ракиќ, при што еден од припадницита на АБиХ ѕирнал во нивна насока, но не ги видел.

„Потоа од соседната куќа некој нареди: ‘Пукајте сите во белата куќа, со сите расположиви средства’“, нагласи Остојиќ, додавајќи дека бил ранет во пределот на дебелото месо.

Реагираше адвокатот на Ориќ, Лејла Човиќ, која нагласи дека во изјавата што сведокот ја дал во 2006 година, истакнал дека бил ранет во стомакот.

Судењето треба да продолжи на 24 септември.

Инаку, пред почетокот на првото судење, одбраната побара од Хашкиот трибунал да ја сопре постапката против Ориќ, бидејќи тој во Трибуналот веќе еднаш бил суден за овие кривични дела, па оттука не може два пати да му се суди за исти злосторства.

Но, Трибуналот го отфрли барањето на одбраната, при што судијата образложи дека „наводите за убиство во обвинението поднесено во БиХ, фундаментално се разликуваат од обвиненијата за убиство во хашкото обвинение, во делот за наводните жртви и природата, времето и местото на наводното злосторство”.

На почетокот на овој месец, обвинителот Мирослав Јањиќ, изјави дека добил смртни закани од сведок, кој сведочел во случајот против Ориќ.

И адвокатот на Ориќ, Лејла Човиќ, изјави дека и таа и нејзиниот клиент, Насер Ориќ, добиле повеќе закани од истиот сведок.