Регион

Затвор за двајца припадници на воената полиција на ХВО за злосторства во Ливно

Поранешните припадници на воената полиција на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) од босанскиот град Ливно, Муамир Јашаревиќ и Сеад Велагиќ, беа осудени на вкупно две и пол години затвор за тортура на цивилни затвореници во Ливно, за време на војната во Босна и Херцеговина.

Пишува: Џана Брканиќ, Сараево

Поддржувачи на ослободениот Зденко Андабак пред Судот на БиХ. Фото: БИРН

Судот го осуди Муамир Јашаревиќ на казна затвор во траење од една година и шест месеци, како сторител и соучесник во нечовечки третман на двајца затвореници и нивна тортура, а Велагиќ на една година затвор поради соучесништво во нехуманиот третман на двајцата затвореници, кои биле притворени во основното училиште „Иван Горан Ковачиќ”.

Третиот обвинет во овој случај, Зденко Андабак, беше ослободен.

„Иако обвинителството ги обвини Јашаревиќ и Велагиќ за злосторства против човештвото, судскиот совет смета дека Велагиќ и Јашаревиќ сториле воени злосторства над цивили и дека го прекршиле меѓународното право и конвенциите за заштита на одредени категории на лица во војна”, рече претседателот на советот, Зоран Божиќ.

„На неодреден датум во август 1992 година, Муамир Јашаревиќ го изнел од салата во училиштето затвореникот Слободан Вујичиќ и го однел во една канцеларија, каде му дал парче хартија и од него побарал да напише сѐ за Српската демократска партија, а кога оштетениот ништо не напишал, велејќи дека не знае што да напише, Јашаревиќ со отворена дланка го удрил во лицето, поради што Вујичиќ паднал на подот“, рече Божиќ.

Велагиќ беше прогласен за виновен за соучесништво во нечовечно постапување кон лицата Јово Ерцег и Чедомир Oљача, бидејќи првиот го удрил два пати, а на вториот му удрил шлаканица.

Советот им даде верба на сведоштвата на оштетените Слободан Вујичиќ и Живко Ждеро, кои опиша како Јашаревиќ во август 1992 година постапувал со нив, но не најде елементи на тортура, како што тврдеше обвинителството. Од друга страна, Советот смета дека било докажано мачењето со електро-шокови на оштетениот Марко Вулиќ.

Совет сметаше дека не било докажано оти Јашаревиќ, Андабаг и Велагиќ учествувале во здружен злосторнички потфат.

Според пресудата, во Ливно немало широко распространет и систематски напад насочен кон српското население, додека анализата покажа дека имало конфликт помеѓу ХВО и Војската на Република Српска (ВРС).

Совет образложи оти не било докажано ниту дека Андабак и Јашаревиќ имале командна улога и функции кои што обвинителството ги наведе во обвинението.

„Оттука тие не можат да одговараат за злосторства извршени од страна на други воени полицајци”, рече Божиќ.

Врз таа основа, Јашаревиќ и Андабак се ослободени од обвиненијата за командна одговорност, од обвинението за убиство на 12 лица кои биле донесени од Хрватска, како и за убиство на лицето Милун Бајил.

„Обвинителството не поднесе ниту еден доказ за страдањата на овие луѓе“, рече Божиќ.

Додаде дека не постојат отежнувачки околности за Јашаревиќ и Велагиќ.

Тоа што тие се семејни луѓе, што претходно не се осудувани и што изразиле жалење за сите жртви, беше земено како олеснителна околност.

Со првостепената пресуда, обвинетите беа ослободени од плаќање на трошоци за постапката, а оштетените беа упатени на граѓанска парница.

На оваа пресуда постои можност за жалба.

Објавено и на Балканска транзициска правда