Регион

Затворска казна поради малтретирање на хрватски затвореници во војната во БиХ

Тројца поранешни припадници на Армијата на Босна и Херцеговина, АБиХ, се осудени на вкупно 17 години затвор, за злосторства извршени во 1993 година, над цивили од хрватска националност, кои биле притворени во училиште во близина на Мостар.

Емина Диздаревиќ, Сараево

Енес Ќуриќ пред судот. Фото: БИРН

Судот на БиХ ги осуди, Енес Ќуриќ, на пет, а Ибрахим Демировиќ на десет години затвор, поради незаконско затворање, нехуман третман и водење на принудна работа на хрватски цивили во Бијело Поље, во близина на Мостар, додека Хабиб Чопељ беше осуден на две години затвор, за нехуман третман на затвореници .

Демировиќ беше осуден за силување на затвореничка.

Со истата пресуда, Самир Крешо и Мехмед Каминиќ беа ослободени.

Како што рече претседателот на судскиот совет, Станиша Глухајиќ, било докажано, надвор од разумно сомневање, дека Ќуриќ, Демировиќ и Чопељ, се одговорни дека извршиле избор на поголем број на цивили, притворени во основното училиште во Потоци (општина Мостар), кои, како човечки штит, биле однесени на хидроелектраната во Мостар.

Ќуриќ и Демировиќ беа прогласени за виновни дека одвеле 12 затвореници на принудна работа на ридот Ќуќурак, каде што биле убиени тројца цивили.

Додаде оти неспорно било докажано, оти Ќуриќ и Демировиќ, учествувале во земањето затворениците заради копање на ровови, на првата линија на фронтот.

Како што е наведено во пресудата, Ќуриќ е виновен затоа што учествувал во апсење на цивили. Судскиот совет не го прифати ставот на одбраната дека цивилите биле земени заради нивна безбедност.

Ќуриќ, според пресудата, е виновен и поради тоа што одвел четири жени на извлекување на ранети од Неретва.

„Надвор од разумно сомневање беше докажано дека Демировиќ извршил силување на сведокот Б. Таа детално опиша како ја зел од училиштето и како Демировиќ постапувал. Изјавите на други сведоци се совпаѓаат со нејзината изјавата“, рече Глухајиќ.

Говорејќи за Чопељ, претседателот на советот истакна дека било докажано оти обвинетиот затворил затвореник во една напуштена куќа, и оти му нареди да пренесува песок од еден агол во друг, поради што тој имал болки и со денови „искашлувал прав од устата”.

Обвинетиот Крешо со пресудата беше ослободен од обвиненијата дека учествувал во апсењето на медицинскиот персонал на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) во Бијело Поље, додека Каминиќ беше ослободен од обвинението дека во училиштето во Потоци удрил затвореник.

Ќуриќ и Демировиќ беа ослободени од обвинението дека воделе четири девојки на чистење на куќи. Демировиќ, исто така, беше ослободен од обвинението дека им се заканувал на затворениците во училиштето.

Оваа пресуда може да биде обжалена.