Регион

20 години затвор за масовно убиство во Вишеград

Радомир Шушњар по екстрадицијата од Франција, минатата година. Фото: Обвинителство на БиХ

Судот на Босна и Херцеговина го осуди Радомир Шушњар, наречен Лалцо, на 20 години затвор, за злосторства извршени во Вишеград.

Овие злосторства вклучуваат убиство на 26 цивили, меѓу кои било и едно бебе, старо два дена. Цивилите биле затворени во куќа, која потоа била запалена.

Судот утврди дека Шушњар, заедно со уште двајца борци, Милан и Средоје Лукиќ, учествувал во напад, нехумано постапување и грабеж на бошњачкото население од селото Коритник. Цивилите биле затворени на или околу 14 јуни 1992 година, во куќа во улицата „Пионирска“ во Вишеград.

Шушњар, вооружен со нож, и Милан и Средоје Лукиќ, вооружени со автоматски пушки, ги претресувале цивилите на брутален и понижувачки начин, по што им наредиле да се соблечат.

Претседателката на судскиот совет, Енида Хаџиомеровиќ, цитираше сведочење на преживеан сведок кој изјави: „Секој мораше да се соблече. ‘И ова мало бебе да го соблечете’“.

Според пресудата, откако цивилите биле претресени, им било наредено да ја напуштат куќата во која се наоѓале и да се префрлат во друга куќа во улицата „Пионирска“, која била оддалечена околу 30 метри.

Потоа, Милан Лукиќ фрлил запалива експлозивна направа во куќата, што предизвикало пожар. Шушњар, пак, фрлил рачна бомба. Потоа сите почнале да пукаат во исто време, со цел да ги спречат цивилите да избегаат.

Ова резултирало со смрт на 26 цивили, меѓу кои и новороденче старо два дена. Пет цивили, сепак, успеале да избегаат и да се спасат.

Посмртните останки на убиените, до денес не се пронајдени.

Хаџиомеровиќ додаде дека, иако Шушњар станал член на Војската на Република Српска (ВРС) на 20 јули 1992 година, откако куќата била запалена, тоа не значи дека тој не можел да ги стори злосторствата.

„Од изјавите на сведоците е јасно дека Шушњар бил во Вишеград во јуни, дека бил виден во униформа и вооружен со пушка, заедно со членови на паравоена група … Шушњар го сторил ова злосторство како соизвршител“, додаде Хаџиомеровиќ.

При изрекувањето на казната, советот, бројот на цивилни жртви (26), „од кои едно било новороденче кое не можело ниту име да добие“, го зеде предвид како отежнувачка околност.

Советот не најде олеснителна околност.

Хаџиомеровиќ нагласи дека казната од 20 години е сразмерна со тежината на делото и дека таа ќе испрати јасна порака.

Оваа пресуда може да се обжали.

Шушњар беше уапсен во април 2014 година во Париз. Во БиХ беше екстрадиран во 2018.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), за злосторствата извршени во Вишеград, вклучувајќи ги и убиствата во улицата „Пионерска“, го осуди Милан Лукиќ на казна доживотен затвор, додека Средоје Лукиќ беше осуден на 27 години затвор.