Регион

Албанија: Обвинителите ја опструираат потрагата по жртвите на комунизмот

Метју Холидеј од МКИЛ им се обраќа на новинарите во Тирана. Фото: Ѓерѓ Еребара/БИРН

Меѓународната комисија за исчезнати лица, МКИЛ,  во Тирана објави дека успешно идентификувала две лица кои исчезнале за време на комунистичката власт во оваа земја.

„Задоволство ми е што можам да објавам дека МКИЛ, на почетокот на оваа недела, поднесе два извештаи за ДНК совпаѓање до Институтот за судска медицина на Република Албанија“, нагласи Метју Холидеј, шеф на Програмата за Западен Балкан на МКИЛ.

Но, понатамошниот напредок е блокиран, бидејќи обвинителите не дозволуваат ископувања на локалитетот Дајти, во близина на Тирана, и локалитетот Балш, во јужна Албанија.

„Сè уште чекаме обвинителите во Фиери и Тирана да издадат налог за ископување на гробиштата Дајти и Балш“, рече Холидеј.

Загриженост искажа и Моника Билајт, шефица на Одделот за политичка, економска и информативна соработка на Делегацијата на Европската унија во Албанија, која го финансира овој проект на МКИЛ.

„Апсолутно е од критично значење, надлежните обвинители да издадат судски налози за ископување на местата Дајти и Балш, и ресорните министерства и општините да учествуваат во ова“, рече таа.

Обвинителствата во Тирана и во Фиери не одговорија веднаш на прашањето на БИРН за нивен коментар.

Да потсетиме, овој проект на МКИЛ започна пред речиси две години и тој требаше да заврши во декември оваа година, но, како што истакна Холидеј, тој веќе побарал негово продолжување, со надеж дека ќе бидат идентификувани повеќе жртви на комунистичкиот режим.

Во секој случај, овој комплексен процес бара соработка помеѓу различни државни институции, од обвинителите кои треба да издадат налози за ископување, преку Министерството за внатрешни работи, каде што може да се најдат архивски податоци за можните гробни места, до локалните власти кои треба да им помогнат на експертите на МКИЛ во ископувањата.

Заменичката на министерот за внатрешни работи, Равена Вода, истакна дека Владата има политичка волја да го реши проблемот, но не можеше да одговори на прашањето, дали државата знае каде се гробовите на жртвите од комунизмот.

„Јас немам целосни сознанија за архивите на државата“, рече Вода.

Некои семејства на исчезнатите, приватно вршеа ископувања во 2010 година, на познатите, но необележани гробишта на планината Дајти. Во таа пригода беа пронајдени останки на 13 лица.

Откако БИРН пишуваше за ова, обвинителите отворија истрага за случајот, но по десет месеци се откажаа, без да ги идентификуваат жртвите.

Останките на двете лица што ги идентификуваше МКИЛ, се дел од останките на 13-те жртви што ги пронајдоа семејствата пред девет години.

„МКИЛ е подготвена да продолжи да им помага на албанските власти, во идентификувањето на што е можно повеќе исчезнати лица, од времето на комунизмот“, рече Холидај.

Но, додаде тој, на МКИЛ му се потребни судски наредби, за да може да врши ексхумации.

„Она за што зборуваме е потенцијален доказ што може да се искористи во кривичните истраги. Ова треба да се направи во соработка со надлежните органи, во соработка со обвинителите“, истакна тој.

Се проценува дека околу 6.000 Албанци биле убиени за време на комунистичкиот режим во Албанија, кој беше на власт од 1945 до 1992 година.