Вести

Алфите ги вклучија сирените во амбасадата на САД

Без најава Алфите на Пуки симулирале одбрана од терористички напад врз американската амбасада

Без најава Алфите на Пуки симулирале одбрана од терористички напад врз американската амбасада

На 15 септември, само неколку часа откако СЈО објавува дека ги поднесува првите две обвиненија, се огласила сирената во амбасадата на САД, а на разгласот повеќе пати се повторувало „Ова не е вежба“.

Причина за сирените е присуството на дваесетина Алфи во близина на амбасадата, што довело до активирање на американските безбедносни протоколи и инструкции за вработените да се тргнат од прозорците и да се засолнат.

Целата драма траела околу 20-тина минути, околу 16 часот, поради, како што се покажало, ненајавената вежба на полициската единица Алфи кои симулирале реакција во случај на терористички напад на амбасадата на САД, без за тоа да ја известат самата амбасада.

Вежбата на полициската единица за прв одговор и интервенции, во јавноста позната како Алфи била изведена по наредба на началникот Ивица Анчевски – Пуки. Тој побарал сите тимови во Скопје, со комплетна опрема да се упатат пред амбасадата за да се процени колку време им е потребно на единиците во случај на терористички напад.

Меѓутоа, амбасадата на САД за таква вежба не била однапред информирана, што е редовна процедура во случај на вежби.

Извори на БИРН велат дека за симулацијата освен амбасадата, не знаеле ниту директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, ниту министерот Оливер Спасовски. Операцијата била по наредба на Пуки, началникот на Алфите.

Спасовски го разреши Пуки

Министерот Оливер Спасовски денеска го разреши Ивица Анчевски – Пуки од функцијата началник на Алфите и именуван е за дополнителен заменик на новиот началник на оваа единица – Примислав Димовски.  Ова е една од 11-те измени кои денеска ги соопшти министерот, а кои рече дека ги прави со цел да се организираат фер и демократски избори во декември, како и со цел да не дозволи МВР да биде алатка во рацете на било која од политичките партии.

Следниот ден бил одржан состанок помеѓу претставници на МВР и амбасадата каде што бил констатиран и признаен пропуст од страна на македонските безбедносни сили. Пуки, началникот на Алфите, за „пропустот” заработил опомена од Ивица Вучевски, началникот на СВР Скопје и негов непосреден надреден.

Во амбасадата на САД само ни потврдија дека имало вежба и не упатија на Министерството за внатрешни работи.

Инцидентот, кој што поминал без посериозни последици, но со видлива вознемиреност кај персоналот во амбасадата, отвора повеќе прашања.

Прво, тајмингот. Дали е случајност Алфите на својата рака да решат да „вежбаат“ пред амбасада токму истиот ден кога Катица Јанева ги поднесува првите обвиненија, во кои се осомничени и функционери на МВР?

Како е возможно Пуки – меѓу другото и самиот на листата осомничени во истрагата Тортура на СЈО – да даде таква наредба и изведе вежба без знаење на неговите надредени? Со други зборови дали Пуки навистина оперирал соло или наредбата за ваква акција сепак потекнува од „поголеми играчи“?

Кому му се испраќа порака со вакви егзибиции? Дали се работи за своевидно предупредување до амбасадата, која инаку држи централно место во конспиративните теории за светски заговор против Македонија?

Или пак мотивот е да дискредитира Оливер Спасовски како некадарен и да се покаже дека со или без министер од владејачката партија МВР е до крај МВРО.