Актуелно

Амбасадорите вперија прст кон Груевски за неисполнетиот договор

Во заедничката изјава на амбасадорите од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и ЕУ која беше дадена пред Владата, беше побарано обновување на преговорите. Во спротивно, како што рече амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет, ќе зависи оценката на Европската комисија за Македонија.

Малески: Изјавата директно посочува на оној кој е одговорен за ситуацијата

Од изјавата на амбасадорите е јасно дека нема никакво поместување во однос на преговорите околу договорот од Пржино и оти одговорноста за тоа лежи директно кај премиерот.

Од него без заобиколување се бара да го овласти својот тим, со што практично не кријат оти сметаат дека се зависи од неговата волја поради што и го потсетуваат дека во време на политичка криза, владите, а особено првите луѓе имаат специјална одговорност. Ваквата изјава покажува дека ситуацијата за жал не е нималку добра, коментира за БИРН професор Денко Малески.

Амбасадорите го вперија прстот директно кон премиерот Никола Груевски и кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ за спроведување на договорот од Пржино. Ова можеби беше досега најострата изјава од меѓународната заедница откако беа пробиени сите рокови од Договорот.

Во заедничката изјава на амбасадорите од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и ЕУ која беше дадена пред Владата, беше побарано обновување на преговорите. Во спротивно, како што рече амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет, ќе зависи оценката на Европската комисија за Македонија.

„Веруваме дека имплементацијата на договорот од Пржино е најдобар пат за излезе од политичката криза. Го повикавме премиерот Груевски да го овласти неговиотг тим за финализација на договорот, да ги имплементира неопходните реформи и да обезбеди услови за кредибилни избори кои ќе бидат признаени од домашната и од меѓународната јавност“, рече Гарет.

Амбасадорите, овојпат со многу подиректен речник од претходно, побараа итна имплементација на договорените точки од Договорот од Пржино. Од СДСМ пак, беше побарано и понатаму да продолжи да ги исполнува обврските и да не ги објавува таканаречените „политички бомби“, односно прислушуваните материјали.

Петмината амбасадори бараат на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да ѝ се овозможат сите ресурси за да може да почне со работа.

Засега, владејачката партија молчи во однос на преговорите. Премиерот Никола Груевски не е во земјава. Тој, заедно со македонската владина делегација е во посета на Стопанско индустриската комора на Абу Даби каде што има средба со раководството и управниот менаџмент.

Од 2 јуни годинава, кога беше потпишан договорот од Пржино од страна на лидерите на четирите политички партии Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи запазени беа роковите само во однос на три точки.

Од тоа дали ќе се обноват преговорите, ќе зависи оценката на Европската комисија за Македонија | Фото: БИРН

Од тоа дали ќе се обноват преговорите, ќе зависи оценката на Европската комисија за Македонија | Фото: БИРН

Изборот на специјалниот јавен обвинител, враќањето на СДСМ во Собранието на 1 септември 2015 година и необјавувањето на „политичките бомби“ од страна на опозицијата е она што беше единствено исполнето од Договорот од 2 јуни и протоколот од 12 јули 2015 година. Јанева беше избрана, но таа сè уште нема почнато со работа, откако Советот на јавни обвинители одобри само седуммина, од предложените 14 обвинители кои таа ги сакаше во нејзиниот тим. Седуммината обвинители одбија да дадат свечени изјави, со што и овој дел од Договорот остана неисполнет.

Од интерактивниот тајмлајн што БИРН го објави вчера, можат да се видат сите останати точки од Договорот од Пржино за кои веќе истекоа роковите за исполнување.