Се доделуваат 10 стипендии за новинари од Централна и од Југоисточна Европа што имаат идеја за приказна што бара известување од терен, длабинско истражување, значително финансирање и континуирана помош од уредник.
Темата на која годинава може да се поднесуваат апликациите е – безбедност. Апликантите ќе бидат избрани од независна комисија и ќе се вклучат во нашата програма за професионален развој, која ќе кулминира со изработка на темелна сторија што ќе биде објавена од БИРН и од нејзините медиумски партнери.
Нашите медиумски производи имаат форма на долги стории, анализи или истражувања, со длабинска обработка и презентација за светска публика. Акцентот го ставаме на добри раскажувачки вештини на квалитетно известување од терен, квалитети што традиционално се поврзуваат со најдоброто магазинско новинарство.
Со програмата се обезбедува:
– стипендија од 3.000 евра
– можности да се унапредат вештините за известување преку соработка со уредници од светска класа
– менторирање и поддршка од водечката новинарска мрежа на БИРН, присутна во 14 земји од Централна и од Југоисточна Европа
– можност да се учествува на воведен семинар во Виена од 13 до 16 мај, со фокус на известувачките и раскажувачките техники
– шанса да се освојат дополнителни награди меѓу 1.000 и 3.000 евра за трите најдобри стории
– објавување на сториите на светско ниво на локални јазици и на англиски преку нашата мрежа на медиумски партнери
– членство во алумни мрежата на програмата, воспоставена за да го поттикнува вмрежувањето меѓу стипендистите што учествувале на оваа програма од 2007 година до денес.
– повикот е отворен до 28 март 2023 година.
Еве што вели нашиот уредник Нил Арун на темата:
Прашањето за безбедноста е доминантно во вестите, во годината кога повторно имаме голема војна во Европа. Но, безбедноста има многу форми и не се сведува само на заштита од војски што сакаат да извршат инвазија или од растечките цени на енергијата.
Во својата позната „хиерархија на потребите“, американскиот психолог Абрахам Маслов ја ставил човековата потреба за безбедност како една од најосновните, веднаш над физиолошките потреби.
Темата за годинешната стипендија ве повикува да размислите за многуте начини на кои безбедноста, или нејзиниот недостиг, го оформуваат вашето општество. На пример, можете да истражите некои од институциите околу вас на кои им е доверено да обезбедат некоја форма на безбедност. Што се случува ако не успеат? Што се случува ако претераат, ако ја злоупотребат довербата што им е дадена? Кој ќе ги трпи последиците? Кој ќе има корист? Може да известувате за заштитата од насилство, злоупотребата и неправдата. Исто така, можете да известувате за економската сигурност, или за заштитата од сиромаштија и од експлоатација. Може да се земе предвид и заштитата на околината од загадување, како и заштитата на општеството од штетни технологии, или заштитата од прекин на суштинските синџири на снабдување. Може да известувате за која било од овие теми или, исто така, може да го истражите влијанието на војната во Украина, ако имате нова и оригинална приказна за тоа.
Годишната тема е секогаш широка, со цел да привлече најширок опфат на апликации. Ако сакате да аплицирате за програмата, но немате идеја за приказна, темата треба да ви помогне да дојдете до идеи. Ако веќе имате подготвено сторија, најдете начин како да ја поврзете со темата.
Секогаш повеќе ги цениме силните апликации што се лабаво поврзани со темата отколку слабите апликации што строго се држат до неа.
За Програмата за новинарска извонредност
Програмата им обезбедува на новинарите уредничко водство и финансирање за да изработат стории на одредена тема повеќе од 15 години. Целејќи да го поттикне развојот на здраво и одговорно новинарство, програмата помогнала да се обликуваат новинарските стандарди низ регионот и го поттикнала кариерниот развој на новинарите што учествувале.
Балканската истражувачка репортерска мрежа и Фондацијата Ерсте ја основаа програмата во 2007 година, со цел да го охрабрат длабинското прекугранично известување во Југоисточна Европа. Во 2020 година, програмата беше проширена за да ги опфати и четирите централноевропски држави – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.
За да ги прочитате нашите приказни и да дознаете повеќе за програмата, посетете ја нејзината официјална страница.