Истражувањa

БиХ: Сѐ уште никој не одговарал за нападот на „Тузланскиот конвој на спасот“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ниту 24 години по нападот на „Тузланскиот конвој на спасот“, во кој силите на босанските Хрвати убија седум возачи и уште неколку други учесници, пред судските институции во Босна и Херцеговина се уште никој не одговарал.

Конвојот е снимен од репортерска екипа на Би-Би-Си

Пишува: Адмир Муслимовиќ, Сараево

Долга колона камиони и други возила, позната како „ Тузлански конвој на спасот“, кој преку централна Босна, носел помош за Бошњаците во Тузла, на 4 јуни 1993 година, била запрена од жени и деца, кои го блокирале патот по кој конвојот се движел.

Според извештаите од тоа време, конвојот бил блокиран во селото Ранковиќи, општина Нови Травник, по што жените со мотики почнале да ги кршат стаклата на возилата.

Тоа бил почеток на масовно разбојништво и убиства на неколку Бошњаци, возачи на камионите, кои ги извршиле припадниците на Хрватскиот совет за одбрана, ХВО.

Јавното обвинителство потврди дека постои предмет за нападот на „ Тузланскиот конвој на спасот“, но не потврдија дека за случајот е отворена истрага.

Од фондацијата „Вистина, правда и помирување“, велат дека е срамно тоа што никој досега не е обвинет, иако нападот на конвојот бил снимен со камерите на Би-Би-Си и на Хрватската радио телевизија, ХРТ.

Профитабилна заседа

Во нападот на конвојот загинале седум возачи: Фикрет Хаџибегановиќ, Фикрет Адемовиќ, Мустафа Кариќ, Хамди Мутишевиќ, Хасан Гушиќ, Хазим Грахиќ и Адил Акељиќ. Судбината на возачот Салко Мемиќ е непозната, а се трага по уште три други лица.

Според достапните податоци, припаднците на ХВО ограбиле 142 камиони, 20 патнички возила, девет комбиња и две амбулантни возила.

Ограбена била и опрема, лекови, производи за широка потрошувачка, во вредност од 8,7 милиони евра и околу 500 тони друга стока, чија вредност не е проценета, како и готовина во износ од 670.000 евра.

Нурдин Дурмановиќ / Фото: БИРН

Еден од учесниците во конвојот, Нурдин Дурмановиќ, вели дека тие се враќале од Германија, каде што имале концерт и заработените пари од концертот ги носеле како помош за семејствата во Тузла.

„По запирањето на конвојот, почна грабежот и малтретирањето, особено не малтреираа нас, муслиманите. Ме извлекоа од автомобилот, ме кутнаа на земја и почнаа да ме тепаат. Ми беа скршени три ребра, а автомобилот и парите ми ги зедоа“, вели Дурмановиќ.

Јасминко Хозиќ, учесник во конвојот, вели дека конвојот бил забавен од погребна поворка, која, според него, не била случајно на патот.

„Ако веднаш по запирањето и гранатирањето на конвојот, присутните во погребната поворка почнуваат да ги удираат автомобилите и да одземаат пари, тогаш тоа не е случајно“, потенцира Хозиќ.

По грабежот конвојот тргнал понатаму, но на влезот на градот Витез, бил нападнат од припадници на ХВО, а возилата им биле украдени.

Јасминко Хозиќ / Фото: БИРН

Учесниците на конвојот, објаснува Хозиќ, морале да ја истоварат стоката од камионите, при што војниците на ХВО постојано ги малтретирале и им се заканувале.

„Нападот траеше неколку часа. Некои од учесниците починаa од артилериско оружје, со кое не гаѓаа од околните ридови, а некои, како што разбрав подоцна, биле убиени од огнено оружје“, објаснува Хозиќ.

Во тоа време, во лондонски „Индепендент“ беше објавена изјава на мајорот Џејмс Мајлс, портпарол на британските сили на ООН во Витез, кој вели дека нападот бил одмазда на ХВО, поради офанзивата на босанската армија во централна Босна, во која биле раселени илјадници Хрвати.

„Откако беа протерани од своите села, убиени, ограбени, тие очигледно добија нешто заедничко, и сега со борба им возвраќаат на своите соседи“, изјави британскиот офицер.

Трупите на ООН истрелале предупредувачки истрели, но не можеле да го запрат насилството.

Исечок од текст кој говори за нападот објавен во германски весник

Обвиненија на сметка на обвинителот

Во Фондацијата „Вистина, правда и помирување“, сметаат дека поранешниот државен обвинител, Маринко Јурчевиќ, е делумно одговорен бидејќи не е покрената истрага за нападот на конвојот.

Според Фондацијата, Јурчевиќ бил воен обвинител кога се случил нападот и „четврт човек во хиерархијата на ХВО во тоа време“.

„Ние во Фондацијата одговорно тврдиме дека Јурчевиќ е човек кој знае сѐ за ова злосторство“, вели Синан Алиќ, претседател на Фондацијата.

Но Јурчевиќ, кој денес работи како нотар, вели дека во тоа време не бил воен обвинител.

Тој посочи дека во периодот од 2003 до 2008 година, кога ја вршел функцијата главен обвинител на БиХ, барал да се направи сеопфатна стратегија за истрага на воените злосторства.

„Пред моето заминување од Обвинителството на БиХ, се продолжи со изработката на стратегијата за истрага за воените злосторства, но, за жал, до денес, колку што знам, не е направена сеопфатна стратегија за која што се залагав. А зошто не е направена, истражете, па објавете“, рече Јурчевиќ.

Објаснува дека институциите на општеството, вклучувајќи ги и судот и обвинителство, во јуни 1993 година, кога во текот бил конфликтот меѓу единиците на ХВО и на Армијата на Босна и Херцеговина, воопшто не функционирале.

Алиќ потенцира дека предметот лутал од Обвинителството во Зеница до Државното обвинителство, каде што се „киселел“ три години.

„Последната информација што ја добивме беше дека предметот завршил во Обвинителството на Среднобосанскиот кантон во Травник“, вели тој.

Од Обвинителството на Среднобосанскиот кантон, пак, не информираа дека немаат отворен предмет за нападот на „Тузланскиот конвој на спасот“.

„Според Државната стратегија за воени злосторства и утврдените критериуми на Судот на БиХ за пренос на предметите, сложените предмети, кои вклучуваат поголем број на жртви, се во исклучива надлежност на Обвинителството на БиХ, што е случај во овој предмет“, ни одговори Ернеса Бегановиќ, стручен соработник за информирање во Обвинителството на Среднобосанскиот кантон.

Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителството на БиХ, вели дека предметот постои и дека се работи.

Дурмановиќ и Хозиќ, кои го преживеале нападот на „Тузланскиот конвој на спасот“, за БИРН велат дека никој, во последните 24 години, не ги повикал да им земе изјава.

„Освен новинарите, кои понекогаш не бараат пред годишнината на овој настан, никој, ниту полицијата, ниту обвинителството, ниту мене, а колку што знам, ниту другите учесници во конвојот, не нѐ побарал за да праша што се случило тој ден“, вели Дурмановиќ.