Праисториски менаџери

Еден настан минатата недела ми привлече огромно внимание, и иако не практикувам да пишувам за дневни настани, почувствував морална одговорност да напишам нешто по повод тој настан. Сојузот на стопански комори имаше прослава по некој повод, можеби годишнина од постоење, не сум сигурен точно што, не е и битно, и на него тематски беше прикажана еволуцијата на менаџерите од праисториско време до денес.

Иновативна идеја нема што, само не ми беше јасно во кое време влегуваат македонските менаџери. Налицкани, дотерани, средени тип-топ, згора насмеани, а нивната ергела од луксузни џипови наредена пред влезот на кафе-барот гордо стои и ја покажува сета успешност на нивната работа. Потоа го гледаш претседателот на таа комора како среќно и насмеано го дочекува почесниот гостин на настанот и гордо му ја објаснува тематската поставка „еволуција на менаџери“, за потоа возвишено да застане на говорницата и да ги презентира своите огромни успеси во раководењето на комората и резултатите на своето работење.

Ова не е монтипајтоновска епизода, ова е нашата сурова реалност во која ние не играме никаква улога. Не ми е јасно која е поентата на организација на вакви настани, посебно кога две наши успешни компании имаат сериозен проблем во соседна Србија, кога еден синџир продавници се затвора поради финансиски проблеми и голем број работници ги губат своите работни места, кога секојдневно тие претставници на комори излегуваат и нѐ информираат дека производството, извозот и продажбата од година во година се намалува, и има надолен тренд, тие имаат таква потреба да прават гала-настани и непотребно да трошат пари за покажување луксуз.

Наместо да ги засукаат ракавите и да видат како и на кој начин може да им помогнат на менаџерите и на сопствениците да ги решат своите проблеми, да инвестираат во промоција на македонските производи во странство или да лобираат финансиските институции да обезбедат поповолни кредити на подолг рок, тие прават гала-настани и се шепурат колку се јаки. Веројатно единствената мисла кога размислувале за овој настан им била како повеќе да ѝ се додворат на владата и на премиерот, како да се сликаат со претседателот и таа слика да излезе во медиумите за да покажат блискост до партијата на власт и, секако најважното, да ги покажат своите огромни џипови преку кои ќе докажат какви и колку успешни фаци се.

Идејата на ваквите настани е да прикажеш што си направил и што оставаш, а не да покажеш луксуз. Во време кога работниците одвај преживуваат со плата од 8-9.000 денари, кога сѐ повеќе компании се на работ на банкрот и пропаѓање, да се прави ваков настан е крајно дрско, небулозно и отворено потценување. Мал совет: Ако идејата ви беше да се додворите на власта и на премиерот, малку повеќе сте ја утнале работата. Од она што го гледаме и слушаме, премерот сака и цени успешност, макотрпна работа и резултати и не сака многу помпезности, неработници, бизнисмени глумци, плачковци, така што не гледам разумна причина во тоа.

За крај: А вие, како праисториски менаџери, да си се вратите назад во времето и таму да си останете, затоа што ама баш никаков аир немаме од вас, ниту ние што се занимаваме со бизнис, ниту оние што работат за вас. Напишав во минатата колумна, новите времиња сакаат нови луѓе, а не стари, излитени, праисториски менаџери.

Колумната е објавена во Слободен печат