Регион

Член на ХДЗ „упатил закани” до невладина организација

Невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, соопшти дека добила закани од член на Хрватската демократска заедница, ХДЗ, поради кампањата што ја води, со која од хрватската влада бара да им се извини на српските жртви на воената операција „Бура”, спроведена во 1995 година.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Плакат поставен во трамвај во Загреб. Фото: МИЧП

Младинската иницијатива за човекови права, МИЧП, невладина организација со седиште во Загреб, во вторникот соопшти дека пријавила во полиција оти Хрвоје Марушиќ, член на владејачката ХДЗ, ѝ упатил закани на Фејсбук.

„Стоко југокомунистичка, треба да ви се суди и да ве стрелаат! … Да бевме демократска држава, би ви суделе за предавство и би ве стрелале! А веројатно и ќе биде така, наскоро … “, напиша Марушиќ на Фејсбук страницата на МИЧП во понеделникот.

Вториот дел од коментарот подоцна беше избришан.

До последните избори, Марушиќ беше советник во Градскиот совет на градот Сплит и претседателот на Хрватското здружение на работодавачи за Далмација.

Тој призна дека го напишал коментарот.

„Напишав дека тие, да сме земја со владеење на правото, ќе беа судени и стрелани. Стојам позади мојата изјава“, вели Марушиќ за БИРН.

Додаде дека се надева оти „Хрватска ќе стане земја со владеење на правото”.

Неговиот коментар на Фејсбук, е реакција на кампањата на МИЧП, „Извинување“, која започна минатата недела, во очи на одбележувањето на 22-годишнина од операцијата „Бура“, што ќе се одржи на 5-ти август.

МИЧП ја извести полицијата за наводните закани.

БИРН побара коментар и од ХДЗ, но до објавувањето на овој текст, не го добивме.

За време на операцијата „Бура“, хрватските сили вратија голем дел од територијата на земјата, која од 1991 година беше под контрола на бунтовничките хрватски Срби.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Хрватска, за време и по операцијата, биле убиени повеќе од 600, претежно постари цивили, а повеќе од 200.000 Срби ја напуштиле земјата.

Досега, хрватското судство донесе само една конечна пресуда за воени злосторства во врска со убиствата за време и по операцијата.

Поранешниот хрватски војник, Божо Бачелиќ, во мај оваа година беше осуден на седум години затвор за убиство на двајца цивили и еден воен затвореник во местото Прокљан.