Блог

Дедо Мраз: Од пакетчиња, власта најмногу ја радуваат пакет-акции!

dedo-mraz-plostad1

Дедо Мраз со слатки изненадувања на буквата „Т“ за ексминистрите и актуелни СЈО-протагонисти | Фото: БИРН

Годинава Дедо Мраз слета со санката во исклучително интересен момент. Страстите се зовриени, тензијата се сече со ножот на Ќосето, а сѐ уште не се знае кој ќе прави Влада, а кој склекови во Шутка.

Иако дента немаше снег по скопските улици, дојде точно навреме за интервјуто, се возеше качен на санката што неуморно ја влечеа ирвасите.

„Чудово што го прска Коце по улици, не врши работа околу загадувањето, ама затоа, пак, мошне се лизга“, со шега го почна муабетот познатиот дедо од Лапонија.

Силно му ја стиснавме раката, му посакавме добредојде, среќни што ја преживеал годината кoja ни ги однесе јунаците од детството, како Боуви и Џорџ Мајкл и го поканивме да седнеме во кафеана на скапата улица на Жерновски.

Веднаш се чекираше на Фејсбук и на статусот додаде feeling boemski hahaha, а Диме Спасов прв му стисна лајк.

Шепотејќи нѐ замоли да се приближиме и шпионски го извади ајфонот „пролепшан“ со „стикер“ од Шарена револуција. Ни покажа селфи, тој во средината, а одлево и оддесно – Ленче и Фатиме.

„Имам и СЈО-маичка“, се раскопча да го видиме славното лого со трите грации во црвено-бела комбинација.

Ќе се сликал и со Катица Јанева, ама била на семеен ручек, со другите вработени во СЈО.

Груевски му барал совети

Уште пред да го прашаме што и да е, побрза да ни ја раскаже непријатната случка од пред неколку дена.

„Човече, ќе ме стрпаа у затвор! Ноќта во саботата традиционално тргнав од северот, од Теарце да делам подароци. Се спуштив по еден оџак и доле да ти било детето, будно. Му го дадов пакетчето и повеќе од трема отколку на шега му реков да заокружи за Дедо Мраз. Врисна дека го поткупувам и одма дојдоа ‘желките’ од ЕБР. Дигнав раце и пеев ‘Ние не сме партија’, ама, сепак, ме пикнаа у ‘марица’. Морав на Оливер Спасовски да му ѕвонам, а министерот не дигаше слушалка, се јави дури откако му ја пишав петтата порака: ‘Отвори, отвори СМС, бе’!“, револтирано раскажа Дедо Мраз и нѐ упати на интернет да прочитаме повеќе за инцидентот.

Имало кај Саше Политико со наслов: „ШОКАНТНО: Режимски полтронски кучиња на Чавков, остајте го Дедо Мраз!“ и на Инфомакс текстот: „РУСИТЕ ПРЕДВИДОА: ЦИА во Теарце преку Дедо Мраз и со дронови ќе прави војна и Илирида“.

„Му реков на Ахмети дека ќе го изненадам за избори, му дадов Беса!“

Интересно е дека пред да ја впрегне санката и да доита, на Дедо Мраз му се јавил никој друг туку ескпремиерот Никола Груевски. Барал совет како да постапи во услови кога сите градоначалници, под притисок на Фејсбук-петиции, се откажуваат од новогодишните прослави во име на хуманитарни цели.

„Ми вика, Дедо Мраз јас планирав Новата година да ја дочекам во кругот на семејството, па мислев да се откажам од кругот. Му реков, чедо, ако е во име на хуманитарни цели, откажи се од фамилијата.“

И кога сме кај фамилијата на Груевски, нѐ интересираше дали Дедо Мраз исто како и СЈО имал тешкотии да ја најде адресата на братучедот Сашо Мијалков, со оглед дека Санта секогаш успешно се мушнува во домовите и остава пакетчиња под елките.

„Тоа е доверливо, иако Саше, како и сите други, ми бил таргет.“

А можете ли барем да ни кажете кои пакетчиња најмногу го радуваат?

„Пакет-акциите!“.

Се шушка дека иако Дедо Мраз дошол во Скопје со подароци за сите, и за добрите што не се обвинети од СЈО, ама и за првоосомничените, сепак, за славниот твитерџија и директор на Архивот во слободно време, Филип Петровски, не донел ништо. Го прашавме популарниот Санта дали е тоа точно.

„Годинава наместо да ми напише писмо мене, му твитнал на Доналд Трамп. Пишал ‘Dear Trampa спаси нѐ од Америка’.“

Затоа, пак, Дедо Мраз не ги заборавил поранешните министри и актуелни СЈО-протагонисти, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. За нив спакувал слатки изненадувања на буквата „Т“.

„Кеси полни ‘тоблероне’ и ‘твикс’ чоколади, тирамису-тортички и ‘тик-так’ бонбони. Тулумбите посебно им ги спакував.“

Важно е да се потенцира, вели Дедо Мраз, дека тој не ги делел политичарите по етничка, религиозна или каква било основа. На сите им носел дарови и радости.

„Му реков на Ахмети дека ќе го изненадам за избори, му дадов Беса (ветување)!“.

Пакетчиња на Халкидики

Љубопитни бевме и дали некогаш трагајќи по нашите политичари отишол до Грција, дали се случило да носи пакетчиња дури до познатото Халкидики.

„Ха, ха, ха… Знам на што алудирате, ама не би навлегувал во приватноста. Сѐ што можам да кажам е дека најмногу уживаат на средниот крак.“

Остро демантираше дека донирал за кампањата на Левица, божиќните џемперчиња не им биле од Баба Мразица, а смешна му е и тезата дека роднина му била пржинската директорка на МТВ, Санта Аргирова.

„Во македонскиот етер моја крв е Драган Вучиќ, тој дарува.“

Популарниот Санта следел на интернет како револтираните момци и девојки секој ден ги бојадисуваат барокните фасади, поради аболициите на Иванов, а во Скопје дојде токму за неговото новогодишно обраќање. За жал, го изгледал целото.

„Плаче оти му ја запалиле сликата, а треба да е среќен оти воопшто го препознале на фотографија.“

Santa Controls со инвестиција во Бунарџик

И бидејќи популарниот Санта дојде во постизборен период, откако добивме партиски програми што нудат и од пиле млеко, само по себе се наметна клучното прашање. Што бара еден Дедо Мраз во Македонија?

„Јас сум тука за секој случај“, одговори најшетаниот Лапонец на светот.

Нѐ интересираше и дали Дедо Мраз навистина ќе го сели производство на пакетчиња од Лапонија во Македонија, со оглед дека годинава се искачивме на високото трето место на листата Doing Christmas.

„Мојата компанија Santa Controls сериознo преговараше со Владата, сакавме да инвестираме во Бунарџик, ама Пржино ги замрзна преговорите“, објасни дедото и потсети дека инвестицијата би била прва од ваков вид на Балканот и дека би вработила неколку стотина елфови.

Иако имавме уште многу што да си кажеме со Дедо Мраз, тој мораше да замине, го притискаа обврските. Си го плати паркингот по СМС, ги впрегна ирвасите и се изгуби во скопскиот смог.