Регион

Добротворна организација ги посочува страдањата на жените во геноцидот во Сребреница

Британска добротворна организација оваа година го свртува вниманието на 11 јули, ден кога се одбележува сеќавањето на страдањата во Сребреница, на ужасите кои жените ги преживеале за време на масакрот извршен во 1995 година.

Пишува: Игор Спаиќ, Сараево

Жени бегаат од Сребреница во 1995. Фото: „Сеќавање на Сребреница“

Британската добротворна организација „Сеќавање на Сребреница”, оваа година, својата кампања ја фокусира на сеќавањето и барањето правда за десетици илјади бошњачки жени и девојки, кои за време на босанската војна биле подложени на сексуално насилство, како метод на етничкото чистење.

„Никаде немало геноцид, од родова природа, поочигледен и поуништувачки, како систематска употреба на силувањето како оружје во војната во Босна”, изјави за БИРН, претседавачот на оваа организација, Вагар Азми.

Според проценките на организацијата, бројот на ваквите жртвите е меѓу 20.000 и 50.000, но точната бројка останува непозната.

“Овие приказни најчесто остануваат нераскажани поради стигмата и срамот што жртвите ги искусиле. Нашата тема “Да се прекине молкот: род и геноцид”, има за цел на видело да ги изнесе нераскажаните приказни и невидливите жртви на геноцидот во Босна, и со тоа и да ги осветли скриените димензии на омразата”, рече Азми.

Додаде дека одвојувањето на мажите заради егзекуција во војната, ги оставало жените во оваа земја со бремето за обновување на општеството и потрага по вистината, правдата и помирувањето.

„Жените во Босна покажаа исклучителна храброст и отпор, за време, но и после конфликтот, преку обнова на земјата и живеење на животот со последиците од омразата”, истакна тој.

Освен на скриените жртви и на родовиот аспект на геноцидот, комеморативниот настан што го организира оваа организација, им е посветена и на жените кои тргнаа во обнова на општеството и во потрага по правдата, поттикнувајжи ги другите да го следат нивниот пример.

Бакира Хасечиќ, претседателка на здружението „Жени – жртви на војната”, за БИРН изјави дека оваа кампања е позитивна, бидејќи обезбедува основа жртвите да проговорат.

Хасечиќ и самата била жртва на вакво злосторство за време на етничкото чистење на нејзиниот роден град Вишеград. Меѓутоа, денес е една од најпознатите активисти за човекови права во Босна и Херцеговина.

Нејзината организација собира информации и докази за воените злосторници и силувачи во Босна и Херцеговина, и помага во обезбедување на сведоштва за сексуалното насилство во војната, пред националните и меѓународните судови.

„Време е, по 25 години, (жртвите) да направат нешто за себе, да прозборат и да сведочат за она што го преживеале, за такво нешто никогаш повторно никому да не се случи”, вели Хасечиќ.

„Кога ќе ги видите убијците на вашите најблиски како се шетаат слободно, а не можете да направите ништо, бидејќи одмаздата не води никаде, тогаш е време, додека и ние и тие се живи, да го прекинеме молчењето”, нагласува таа.

Британската добротворна организација „Сеќавање на Сребреница”, во последните три години работи на подигнување на сознанијата во британското општество, за масакрот извршен на над 8.000 муслимански мажи и момчиња од Сребреница, со организирање на комеморативни настани за одбележување на годишнината на овие злосторства.

Објавено и на Балканска транзициска правда