Репортажи

Долга ноќ во белата палата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
sediste-vmro-11-12-2016

Атмосферата пред прогласување на победата | Фото: БИРН

Не ја изгубивме поддршката од народот, туку СДСМ ни се приближи со гласови, помогнат од Албанците и од силниот непријател за кој нема да кажеме дека е надворешен, ниту, пак, ќе му го спомнеме името. А да, и гласовите на Албанците треба да се почитуваат и тој факт очебијно го потенцираме повеќе пати, за вие да го сфатите токму обратното.

Ова би била на кратко парафразирана пораката што вчера сакаа да ја пратат Никола Груевски и победничкиот церемонијал мајстор Влатко Ѓорчев, од говорницата во новото седиште на партијата, накитено со мермер и со името на еден од основачите на ВМРО, Христо Татарчев.

„Им честитаме на СДСМ за победата во Зајас, им честитаме за победата во Диво Насеље“, уфрлаше Ѓорчев цинично, додека како по традиција ги набројуваше победничките општини.

Дури ни фактот дека реално ова е десета победа по ред на ВМРО-ДПМНЕ врз СДСМ, почнувајќи од локалните во 2005, не можеше да го скрие немирот и збунетост кај партиските членови. Тие вчера ги чекаа резултатите во новата прес-сала опремена со модерен видео-бим и лцд-монитори, огромни слики со мотиви од историското ВМРО, притисната со неколку кристални лустери налик на оние од династијата Луј.

Како билијард-топчиња им се судираа погледите, барајќи оптимистичен пар очи кој ќе им каже:

„И овој пат ги згазивме!“.

Стравот од Пирова победа

Груевски во разговор со ветеранот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски / Фото: БИРН

Она што ние сега го знаеме, тие вчера вечер го насетуваа. Големата излезност не им одеше во прилог, СДСМ ја топеше огромната предност од претходните изборите – од 200.000 гласови на помалку од 20.000. И таа беше помала со секое рифреширање на броузерот од ајфоните.

Стравот од Пирова победа лебдеше околу масата со апетисани, брусница, бајадери и други чоколатца од „Краш“, додека нервозно ги стискаа хартиените чашки со предизборниот слоган „Знаеш што е подобро!.“

Тензијата нагло порасна кога на големиот екран, најверојатно по грешка се појави расположениот Дамјан Манчевски од СДСМ, пренесуван од Сител, за бргу потоа да биде „скинат“.

И додека новинарите со целата љубопитност на светот ја разгледуваа просторијата, како деца во некој егзотичен парк, фотографираа детали и правеа селфиња со портретите на Татарчев или Пере Тошев, без никаква придружба, од лифтовите улета Груевски со оној карактеристичен од, кој му доаѓа до израз кога ќе додаде доза на одважност во движењето.

Она што не се гледаше во чекорот, му изби со сето црвенило на лицето.

Се задржа неколку минути, се поздрави со сите што му се најдоа на патот во полупразната соба, застана пред седнатиот Љубиша Георгиевски.
Размени неколку реченици со режисерот, гестикулирајќи здрвено, додека сите блицеви се одбиваат од неговoтo сивo палто со речиси невидливи бели штрафти.

Во меѓувреме салата се поленеше и од време на време ќе се појавеше некој познат лик од рангот на Марјан Додовски и Владо Поповски или микро-коалициски партнер ко Страшо Ангеловски, а сосема кусо, како сенка се појави и замина долгогодишниот министер за финансии.

Загрижена министерка / Фото: БИРН

Зоран Ставрески едвај и да го пречекори прагот на салата, застана подготвен да си замине, како да беше на поминување или како да ја згрешил зградата.

И тогаш во салата како ладен провев продуваа вестите од штабот на СДСМ и збунувачките графици што ги покажуваше Шилегов, на кои со сина боја беше претставен скорот на ВМРО-ДПМНЕ, а со црвена оној на опозицијата.

Салата веќе беше полна. Во меѓувреме дошле министрите Владимир Пешевски и Зоран Јолевски, Михајло Маневски ги движеше своите 80 години низ метежот, додека Спиро Ристовски и Елизабета Канческа-Милеска отсутно муабетеа како да се во друштво што не го познаваат.

Да ја немаше препознатливата фризура, ситната министерка спакувана во топла сива јакна ќе се изгубеше меѓу колегите без никој да ја забележи.

Најдолгите часови

Титови осамени сили | Фото: БИРН

Тие долги неколку часа помеѓу првиот и вториот прес, во прес-центарот доминираше преносот на Сител со анализите на Латас и на Каракамишева за можниот исход на изборите.

Во меѓувреме никој не ги брифираше новинарите за резултатите. Порано тоа го правеше Илија Димовски, повесел со секое ново појавување меѓу новинарите, меѓутоа неговото присуство вчера се сведе на тоа дека на кратко го видовме кај лифтовите. Можеби зашто сега неговата работа ја врши Иво Котевски, иако и тој се појави само неколку пати.

Собранискиот спикер Трајко Велјаноски беше најрасположен да зборува со новинарите и прогнозираше солидна победа со разлика од осум мандати, дури триумф и во првата изборна единица.

Покрај министрите, навидум расположениот градоначалникот Коце Трајановски, доаѓаа и лидерите на помалите партии што се во коалиција со Груевски. Стевче Јакимовски го забележавме дека се појави на кратко пред седиштето, но не и во салата.

Да беше внатре, Јакимовски веројатно ќе му правеше друштво на лидерот на Титовите леви сили, Слободан Угриновски кој долго време стоеше сам, со скрстени раце веднаш до едно масло на платно со историското ВМРО, како риба на сува.

Постојано се проверуваа резултатите / Фото: БИРН

Постојано се проверуваа резултатите / Фото: БИРН

Се појави и дополнителниот министер за полиција, Оливер Андонов со навивачко шалче околу вратот на кое го имаше државното, а не знамето со сонцето од Вергина. Кратко им позираше на новинарите и застана во еден ќош да пишува пораки. Епизодна улога имаше и Миленко Неделковски, се појави и го снема и веројатно токму од штабот на ВМРО-ДПМНЕ го напиша оној песимистички статус, што го споделуваа фановите на опозицијата.

По најавата за прес конференција на Ѓорчев, камерманите со војничка прецизнот ја наместија опремата, а новинарите седнаа на црвениот тепих да стримаат со мобилните. Непосредно пред да се појави Ѓорчев на говорницата, во салата еуфорично влета Гордана Јанкуловска со Победуваме, Честито победа! Додека Јанкулоска се прегрнуваше со Коце Трајановски, во прв ред зад камерите застанаа Сашо Мијалков, Емил Димитриев, Иво Ивановски, Пешевски, Канческа и други.

Мијалков дојде со постариот син и веднаш околу него се формираше круг од фанови и новинари. Неколку минути подоцна, Влатко Ѓорчев во неговиот познат стил од говорница прогласи победа и ги повика симпатизерите да слават по плоштадите.

Филип Петровски и Тони Михајловски беа постојано фиксирани на телефонот на Петровски, додека Никола Попоски разговараше со Даниела Рангелова.

Доволно беше некој да прогласи победа за Филип Петровски да ја преземе палката и да го организира културно-уметничкиот настан пред седиштето, каде се палеа бакљи, се пееше химната на ВМРО, се играше оро и се извикуваше познатиот слоган: „Никој ништо не ти може Никола!“.

Доцна по полноќ следуваше пресот на Никола Груевски, на којшто сите беа поканети и затоа едвај се влегуваше во зградата. Тој уште еднаш прогласи победа, внимателно ги соопшти резултатите без да се истрчува со број на мандати, а од време на време поддршка со аплауз му даваа Мијалков, Гордана Јанкулоска и Никола Тодоров, по што целата сала бликнуваше во еден глас пеејќи „ВМРО, ВМРО“.

Овде вечерта заврши, а ентузијазмот што од бината го набилда раководството, полека се расејуваше, додека симпатизерите се симнуваа по скалите, кои од сите страни се украсени со стотина врамени фотографии каде доминира ликот на Груевски. Од оние на кои е слаб со побујна фризура, до оние на кои е залижан, просед и подздебелен.

Дури долу, во малиот хол полн со луѓе на излегување можеше да се чуе по некоја оптимистична анализа, дека сепак ќе победат и тоа со три мандати во рацете, ама треба да се почека.