Регион

Ексхумирани 137 жртви на локалитетот Кориќански карпи

При ексхумацијата на локалитетот Кориќански карпи, најдени се посмртни останки на 137 цивили од бошњачка и хрватска националност, за кои се претпоставува дека се жртви на масовните убиства на полицијата од Приедор, извршени во 1992 година.

Џана Брканиќ, Сараево

Фотографија од комеморацијата на Кориќански карпи во 2012 година. Фото: БИРН

Според информациите од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИИЛ), на Кориќански карпи, во близина на Приедор, место на масакр на околу 200 бошњачки и хрватски цивили во 1992 година, минатиот месец биле ексхумирани посмртни останки на 137 жртви, вклучувајќи и 86 черепи.

Посмртните останки од оваа ексхумација се наоѓаат во идентификацискиот центар Шејковача, во Сански Мост, а во наредниот период ќе бидат земени коскени примероци за ДНК анализа.

„Очекуваме најмалку 86 идентитети. Се работи за цивили од бошњачка и од хрватска националност од подрачјето на Приедор“, вели Лејла Ченгиќ, портпарол на ИИЛ.

На Кориќански карпи, согласно пресудите, на 21 август 1992 година, биле убиени околу 200 бошњачки цивили од Приедор.

Според пресудите, убиените претходно биле притворени во логори во регионот на Приедор. Ликвидирани се од страна на припадниците на интервенцискиот одред на Центарот за јавна безбедност од Приедор.

ИИЛ и во претходните години вршеше ексхумации на Кориќански карпи, при што беа пронајдени останки на 117 лица.

Сепак, овие останки се нецелосни.

Според Ченгиќ, во Власеница, во септември 2017 година, најдени се останки на најмалку 11 жртви и тие, до идентификацијата, се сместени во комеморативниот центар во Тузла.

Во БиХ се трага по најмалку 7.000 лица кои се сметаат за исчезнати во војната во оваа држава.

„Во моментов, во рудникот Сасе, во Сребреница, се врши пребарување на теренот, а се трага по жртви од бошњачка националност, убиени во оваа област во 1992 година“, додаде Ченгиќ.