Европската комисија остро ги осуди насилството и демолирањето на кафе-барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија на прославата на втората годишнина од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка
Откако во четвртокот 20-тина лица го демолираа кафе-барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија на прославата
на втората годишнина од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, со реакција се јави Европската комисија.„Комисијата е загрижена за инцидентот во Скопје и изразува жалење за повредената девојка и за настанатата материјална штета. Бевме известени дека властите спроведуваат истрага. Комисијата ги поддржува напорите за обезбедување целосно владеењето на правото и почитување на начелото на недискриминација. Комисијата ги повикува политичките фактори и граѓанското општество да заземе цврст став и да ги осуди ваквите инциденти“, стои во соопштението.
ЛГБТ Центарот за поддршка најави кривични пријави против фан-страниците на Фејсбук на Јанко Илковски и на Миленко Неделковски поради, како што велат од центарот, предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост, ширење на дискриминација, насилство и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.