Вести

Пресудата за „Монструм“ се сели пред Апелација

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пресудата до која дојде БИРН ги аргументира причините што влијаеле на изрекување казна доживотен затвор за случајот „Монструм“. Адвокатите на осудените за петкратното убиство кај „Смиљковското езеро“ поднесуваат жалба и бараат јавна седница пред второстепениот суд

Писмената пресуда за случајот „Монструм“, на која одбраната се жали, е напишана на 186 страници. Во неа судот

ја образложува пресудата со која на 30 јуни ги прогласи за виновни: Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута за убиство на петмина Македонци, коешто беше извршено на Велигден 2012 година, и ги осуди на највисоката можна казна под обвинение за тероризам – доживотен затвор. Пресудата, до којашто дојде БИРН, го дава текот на целото судење, заклучоците и доказите од кои судиите се увериле дека обвинетите се виновни.

Во неа Кривичниот суд аргументира дека обвинетите свесно и плански ја одбрале локацијата и времето за убиството на момчињата, дека станува збор за настан од кој беше згрозена целата македонска јавност, настан во кој пет млади луѓе прерано го завршија својот живот што ќе остане врежан кај сите граѓани без оглед на нивната верска, етничка или каква било друга припадност.

– Овде, во оваа судница, се судеше за сторени, конкретни кривични дела, за конкретно преземени дејствија и се судеше врз основа на докази според кои се одредува вина. Не се водевме според емоциите што се искажуваа во судницата, туку се водевме едноставно по тоа што како суд сме должни да се водиме, а тоа е законот – рече судијата Ивица Стефановски кога јавно ја објавуваше казната.

Главните аргументи што ги кажа судијата при објавувањето на пресудата, сега детално се објаснети во пресудата.

Локацијата кај Смилковско Езеро не е случајна

– Сите докази покажаа дека обвинетите добро ја одбрале локацијата. Тоа е локација на која секогаш има луѓе, локација која им е добро позната, место што е покрај обиколницата, а од каде што многу брзо и лесно можеле да избегаат во посакуваниот правец. Времето на извршување е непосредно пред затемнување, кога видливоста е намалена и кога од една страна знаат дека рибарите – жртвите си заминуваат, а од друга страна знаат дека не можат да бидат видени и можат полесно да се дадат во бегство без да бидат забележани – наведува судијата во писмено изготвената пресуда.

Хронологија

– 12 април 2012 година – 18.40 часот: Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени во близина на Смилковското Езеро крај Скопје со 21 истрел од автоматски пушки и од пиштол.

– 1 мај 2012 година, полицијата уапси над 20 осомничени во полициската акција „Монструм“ за кои тврдеше дека го извршиле или го помогнале убиството. За убиството кај „Смилковско Езеро“ подоцна се обвинети 7 лица: Фејзи Азири, Алил Демири, Сами Љута, Рами Сејди, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ.

– 7 мај 2012 година Хаки Хазири, прво заштитен сведок, на свое барање се откажува од статусот, по што е обвинет.

– септември 2012 година, обвинителството предлага нов заштитен сведок со псевдоним Е-1.

– декември 2012, почнува судењето. Демири и Исмаиловиќ се во бегство на Косово. Косовските власти не ги екстрадираа во Македонија.

– мај 2014 Заврши судењето. Сослушани над 70 сведоци предложени од обвинителството и одбраната

– 30 јуни 2014 – На казна доживотен затвор за тероризам се осудени: Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Поради немање доволно докази, петтообвинетиот Сејди Рами е ослободен од обвинение.

– јули 2014 година – протести во Скопје, каменуван судот и други објекти, повредени полицајци и демонстранти. Дваесетина лица приведени. Полицијата интервенираше со шок-бомби и водени топови..

Еден од доказите врз кои се потпира ваквото тврдење во пресудата е изјавата на заштитениот сведок со кодно име Е-1, кој изјавил дека неколку дена пред да биде извршено убиството кај Смилковското Езеро во повеќе наврати ги видел обвинетите Сами Љута , Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ и тоа наутро околу 6 часот и попладне околу 18 часот.

Адвокатите на одбраната го оспоруваат сведочењето на загрозениот сведок. Насер Рауфи, адвокат на обвинетите, тврди дека заштитениот сведок Е-1, давал противречни изјави, прво посочувал едни лица на фотографии, а потоа тврдел дека тие се во судница што не било точно, тврдел дека имале долги бради, што не било вистина за обвинетите, па во постапката бил повикан за сведок и берберот за да потврди кој каква брада имал во последните години, а како докази биле нудени и видеоснимки од свадби.

– Загрозениот сведок во период од година и пол беше сослушан четири пати. При секое сослушување загрозениот сведок без двоумење ги препозна и посочи лицата кои критичниот период ги гледал на Смилковското Езеро. Од овие причини судот смета дека загрозениот сведок на објективен, непристрасен начин изврши препознавање.., се вели во пресудата.

Таа се потпира и на првичното признание на Хаки Азири, кој најнапред беше заштитен сведок, а подоцна обвинет, било поткрепено и со материјалните докази кои биле изведени. Адвокатите на обвинетите тврдеа дека Хазири не ја зборувал вистината, дека тоа што го кажал, каде што раскажува дека ги возел обвинетите до местото на убиството, му било наложено од страна на полицијата.

Меѓутоа, сведочењето на Азири како заштитен сведок било снимено со видеокамера и презентирано како доказ во текот на постапката, па затоа судот не го прифаќа неговото и тврдењето на одбраната, дека првата изјава ја дал под притисок на полицијата.

„Ваквата одбрана на обвинетиот Исмаиловиќ судот не ја прифати, бидејќи е паушална и спротивна на доказите изведени во текот на главниот претрес, дадена со единствена цел да се избегне кривичната одговорност, а со тоа и казната затвор“, се вели во пресудата.

Судот го наведува исказот на Азири и утврдува дека тој, на денот на убиството, со неговото возило најпрвин го однел обвинетиот Агим Исмаиловиќ од населбата Топаанско Поле, каде што овој се префрлил во друго возило, а потоа, според договорот, ги чекал на обиколницата во близина на „Качанички пат“, со исклучен мобилен телефон.

„Околу 20 часот на обиколницата, зад него се паркирало возилото „опел омега“ со темно црвена боја, од кое излегле обвинетите Алил Демири и Агим Исмаиловиќ и влегле во неговото возило. Двајцата имале црни ракавици и црни капи-фантомки, кои им биле спуштени до половина на челото“, наведува судот во образложението на пресудата.

Возилото, „опел“ кое го споменува обвинетиот, подоцна, според судот е најдено кај местото викано Вражји Вир, а примероците од земја најдена на калниците од возилото се совпаѓале со примероците од земја земени од местото на убиството кај Смилковското Езеро.

– Околноста која произлезе од исказот на Хаки Азири дека обвинетите Агим Исмаиловиќ, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се превезувале со ова возило „опел омега“, црвена боја, најде поткрепа и во вештачењето на траги од биолошко потекло. ДНК-профилот добиен од трагите од биолошко потекло подигнати од површината на наслонот за глава, на десната страна на задното седиште од возилото „опел омега“, се совпаѓа со ДНК-профилот, добиен од брис од усна шуплина, земен од обвинетиот Алил Демири, од страна на СВР Куманово – наведува судијата Ивица Стефановски во пресудата.

На судењето за „Монструм“ беа сослушани над 70 сведоци предложени од обвинителството и одбраната. Намерата за убиство на цивили од христијанска вероисповед во пресудата се потпира на сведоштвото на четворица рибари од ромска националност кои тој ден биле на местото на настанот.

– НН лицето кое имало пушка во рацете и кое ги пресретнало сведоците Роми, прашувајќи ги за нивните имиња се запознало со нивната верска и национална припадност, по што ги избркал од местото, а тие веднаш слушнале пукање, што значи дека биле убиени жртвите – заклучува судот.

Одбраната го оспорува сведоштвото на четворицата рибари. Таа обвинува за тенденциозност затоа што, како што велат, „никој од бранителите на обвинетите воопшто и не беше запознаен ниту известен за сослушувањето“.

– Како бранител на петмина обвинети сосема случајно дознав истиот ден и за реконструкцијата која беше закажана на верски празник Курбан Бајрам, кој беше неработен ден – се дел од забелешките на адвокатот Рауфи за текот на судењето.

Тој го оспорува тврдењето дека животите на овие лица биле поштедени единствено поради тоа што не биле православни, таквиот навод е претпоставка која со ништо не е аргументирана, но во пресудата овие сведоштва се наведуваат како прифатен аргумент.

Образложение за тероризам

Со внимателно читање на аргументацијата на Судот се забележува дека станува збор за нетипичен пример на

На јулските протести по повод пресудата беше каменуван судот | Фото: Зоран Ричлиев

На јулските протести по повод пресудата беше каменуван судот | Фото: Зоран Ричлиев

пресуда, во која судијата во форма на посебни целини со поднаслови го анализира кривичното дело „тероризам’ преку неговиот латински израз и значење, до профилот на обвинетите и сите олеснувачки и отежителни околности што влијаеле на изрекување на казните доживотен затвор.

Во структурата на пресуда пишува дека како отежителни околности за дел од обвинетите при одмерување на казната е и нивната претходна осудуваност, како и профилот на личноста што е утврдена преку содржините најдени во нивните компјутери и телефонските разговори.

Во пресудата се наведува дека Фејзи Азири во инцидент кој се случил 2009 година на неговата фарма во Белимбегово, заедно со три непознати лица пукале од различно огнено оружје. Според вештачењето, едно од овие три лица го користело оружјето што е употребно и при извршувањето на петкратното убиство на Смилковското Езеро.

– Овој доказ упатува на директно учество на обвинетиот Фејзи Азири во убиството, со што се потврдува и исказот на заштитениот сведок – образложува судот.

Меѓутоа, одбраната го оспорува ова тврдење на обвинителството на кое Судот му дава верба. Рауфи не ја исклучува можноста дека истата автоматска пушка е употребена и на фармата „Белимбегово“ и на Смилковското Езеро, но тој податок, според него, воопшто не го лоцира лицето што ја употребува истата.

Во образложението на пресудата, судот наведува дека од посебните истражни мерки (ПИМ), следење на комуникациите, се утврдило дека токму Фејзи Азири им помогнал на Демири и на Исмаиловиќ да побегнат во Косово. Дополнителен сомнеж за судот дава и тоа што на денот кога избегале од Македонија првообвинетите, Сами Љута му се пожалил телефонски на свој роднина дека се случува „нешто страшно“, но никогаш во текот на постапката не открил за што, всушност, станува збор.

За судот, елементи за утврдување на вина кај обвинетите се и во содржините најдени во компјутерите на обвинетите, посебно фотографиите од Смилковскоте Езеро и обиколницата најдени во компјутерот на Алил Демири, како и видеоклипови со националистичка содржина во кои се повикува на убиство на Македонци, се величи џихадизмот и исламската држава. Оваа содржина, фотографии, песни и пораки биле и еден од главните елементи за судот да ги утврди профилите на личностите, обвинети во случајов на петкратното убиство.

Судот во пресудата ја дава и содржината на една песна најдена во компјутерите на обвинетите, со наслов „Тебе Гостивар“, во која со експлицитен јазик се навредува Македонија, „каурите“ и за одмазда врз Македонците кои ќе „бидат погубени“.

Судот заклучил дека со дејствијата на обвинетите се извршени кривичните дела „тероризам“ за кои се обвинуваат и затоа ги прогласил за виновни и ги осудил на доживотна казна затвор: Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.

Апелацискиот суд според ориентационите рокови треба да се изјасни по жалбата најрано во периодот од март до мај 2015 година.