Актуелно

ФОТОГАЛЕРИЈА: Граѓани бараат оставка од министерот Тодоров

Со маски на лицата на кои пишуваше #ТодорOff граѓаните го повикаа министерот на одговорност, поради големиот број скандали што го потресоа здравствениот систем за време на неговиот мандат.

(Фотографија: Роберт Атанасовски)

Голем број граѓани попладнево се собраа пред Собранието, за да побараат оставка од министерот за здравство Никола Тодоров. Протестот почна додека сè уште не беше завршена расправата во Парламентот за интерпелација на Тодоров.

Со маски на лицата на кои пишуваше #ТодорOff граѓаните го повикаа министерот на одговорност, поради големиот број скандали што го потресоа здравствениот систем за време на неговиот мандат.

„Министре Тодоров, доста е. Време е да си одите, а за ви го кажам ова, ми дозволија 9-годишната Тамара Димовска од Велес, родилката и новороденчето од Гевгелија, родилката што почина на скопска гинекологија, жените од Шутка кои немаат гинеколог за да ги прегледа, 60-годишниот маж отруен во Битола, 36.000 пациенти на инсулин, евтините а неефикасни лекови, скапите реклами, промашената електронска здравствена картичка, белите мантили со изгубено достоинство, ниските плати, докторите во кои се пука…“, рече на собраниската говорница опозициската пратеничка Јагода Шахпанска.

,,Излези Тодоров и пред овој народ кажи зошто не се повлекуваш од својата функција министре за смрт, излези и дај ја својата оставка денеска“, рече пред Собранието активистот Огнен Јанески.

На протестот беше и мајката на малата Тамара, девојчето кое почина чекајќи лекување во странство. Таа рече дека „нејзината ќерка била жртва на здравствениот систем“.

„Само една порака имам до Тодоров, зошто не им помага на децата на оваа држава, зошто? Другото дете ми е се уште болно, зошто ниту еднаш не ме прими? Имам порака до сите пратеници, многу сум револтирана, сите тие пратеници кога ќе го изгласаат Тодоров, нека застанат, нека им помогнат на болните дечиња“, изјави за медиумите Жаклина Димовска, мајката на Тамара.

Пред Собранието беше поставена и картонска кутија во која можеше да се донира за лекување на Теона, сестрата на Тамара Димовска и за други болни деца на кои им е потребно итно лекување.