Регион

Фоторепортери на балканските војни – „сведоци на историјата“

Момче од хрватска националност, плаче на погребот на својот татко, во Славонија, во август 1991 година. Фото: Кристофер Морис/VII.

Американските фотографи, Рон Хавив и Кристофер Морис, вчера вечер во Загреб претставија дел од своите најважни фотографии, направени во периодот на распадот на Југославија. Како што истакна Хавив, тој на Балканот во 1990-тите години дошол, за да „сведочи за историјата“.

„Ако разбирате зошто сте таму, што правите, тоа е неверојатна одговорност да бидете таму, да бидете очите на светот и да се обидете да имате влијание“, истакна Хавив на настанот организиран во киното „Мултиплекс“, во Загреб.

Хавив и Морис ги покриваа конфликтите во поранешна Југославија во текот на 90-тите години, од кратката војна во Словенија, до борбите во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово.

Тие објавија голем број фотографии – од вознемирувачки слики од трупови, фотографии од војници на бојно поле што слават победа, па се до емотивни фотографии на обични луѓе и на нивното страдање.

Фотографиите на Хавив, како онаа направена во 1992 година во БиХ, на која се гледа како српски паравојник клоца безживотно тело на средовечна жена, убиена од неговите соборци само неколку моменти предходно, се некои од најзначајните, направени за време на југословенските конфликти.

Рон Хавив и Кристофер Морис во Загреб. Во заднина е фотографијата на Хавив, на српски паравојник во БиХ, кој клоца безживотно тело на жена. Фото: БИРН.

Хавив истакна дека работата на фотографот треба „да има одредено значење“.

„Ако (го правите тоа) за себе, тоа е воајеризам“, рече тој.

Неговите фотографии беа користени и во случаите на воени злосторства, кои беа судени во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во Хаг.

Тој истакна дека по завршувањето на војните, имал можност да разговара со некои од луѓето што ги фотографирал за време на конфликтите.

Меѓу нив бил и еден Хрват, кого тој и Морис го фотографирале како момче, додека плачел на погребот на својот татко, во август 1991 година. Во разговорот, овој човек му кажал дека оваа негова фотографија имала влијание во општеството.

„Тој ми рече дека благодарение на фотографиите … неговото семејство, во хрватската заедница и пошироко, добило голема поддршката – и тие успеале да преживеат … Сето тоа благодарение на фотографиите што ги направивме Крис и јас“, истакна Хавив.

И Кристофер Морис, кој со Хавив ја основал фото агенцијата VII, ги документирал ужасите на војните во Хрватска и во БиХ.

Неговите фотографии направени во ноември 1991 година, по падот на Вуковар, им се познати на бројни Хрвати.

Тој нагласи дека некои фотографии, особено оние на кои се прикажани мртви деца, неизбежно предизвикуваат контроверзии.

„Имаше огромна реакција на гадење кога еден фотограф отиде да фотографира дете од Сирија (Ајлан Курди, тригодишно момче бегалец, кое се удави во Средоземното море во 2015 година) на плажа. Сè што знам е дека ако моето дете беше убиено или починато додека се обидувало да избега од војна, тогаш би сакал фотографијата на моето дете да биде залепена низ целиот свет“, додаде Морис.

„Секогаш боли кога младите и невините (страдаат) … Тие се, за мене, вистинските жртви на сето ова “, додаде тој.