Галијата кај МЕПСО уште долго ќе собира сѐ што носи Вардар со себе.
Дрвениот брод, кој формално се води како урбана опрема за вршење угостителска дејност и кој никогаш не проработи, ја чека судбината што ќе му ја одреди Управниот суд. И тоа по третпат.
Вишиот управен суд, пред неколку дена одлучи да го врати од почеток судењето за отстранувањето на галијата од коритото на Вардар.
А сѐ почна во март 2020 година, кога поранешниот градоначалник Петре Шилегов го раскина договорот со фирмата што го стопанисува објектот „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ на Ниче Димовски Македон, кој во меѓувреме почина.
Фирмата требаше да ја тргне галијата во рок од 30 дена, бидејќи не работела, а, според кажувањата на тогашниот градоначалник, Град Скопје ѝ доставил решение во 2018 година дека треба да почне да врши дејност.
Оттогаш поминаа триесет пати по 30 дена, но галијата и натаму е во Вардар. Фирмата се жалеше до Управниот суд и бараше со привремена мерка судот да го одложи отстранувањето.
Вишиот управен суд го вратил предметот од почеток. Па, следувало ново решение на Управниот суд, па повторно жалба до Вишиот управен суд.
Сега вишите управни судии Анита Данаилова, Лидија Георгиевска и Рина Исени одлучиле да го укинат второто решение на Управниот суд и предметот да почне да се суди од почеток.
Образложението е дека Управниот суд згрешил кога ја одбил жалбата на фирмата и оценил дека станува збор за предмет со елементи на граѓанско-правен однос.
Сопственик на фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ е Друштвото за производство, промет, градежништво и услуги МАКЕДОН-БЕТОН ДОО, а сопственици на ова друштво е потесното семејство на Ниче Македон, Антонио, Мила и Соња Димовски.
Галиите во Скопје се дел од проектот Скопје 2014 . Тие беа поставени додека со Општина Центар раководеше Владимир Тодоровиќ.
Лани почна да се урива галијата кај хотелот „Холидеј ин“ на фирмата „Сервис АД“, но демонтажата запре, повторно поради судски процеси.