Вести

Сопствениците на галиите не брануваат

Од градот сѐ уште нема конкретни информации како ќе се изведе дислокацијата на галиите | Фото: БИРН

Менаџерот на галијата пред „Холидеј ин“, Жарко Миленковски се надева дека анализите на Град Скопје ќе покажат дека нема потреба да се рушат бродовите што се наоѓаат подолу од Камениот мост во насока на текот на реката.

Во тој дел е стационирана и неговата галија.

Миленковски е и единствениот претставник од трите галии што ја коментираше последната изјава на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов дека ќе се дислоцираат бродовите и ќе се сруши мостот за Панорамското тркало, зафат кој според градот ќе чини околу пет милиони евра.

Новата градска администрација смета дека галиите ја намалуваат проточноста на најголемата македонска река и оти тоа го зголемува ризикот од поплави.

„Најголемиот проблем при подигнувањето на нивото на Вардар е Камениот мост, зашто тој има три лака широки по десетина метри. Подолу од мостот коритото има поголема проточност и буквално секоја количина на вода што ќе помине под лаковите, нема да направи проблем подолу по течението на Вардар“, смета, пак, Миленковски.

Тој вели дека сѐ уште нема добиено официјална информација од градот поврзана со евентуалното, како што вели тој, рушење на галиите, меѓутоа потсетува дека инвеститорот што го застапува ги добил позитивните мислења од сите релевантни институции пред почетокот на инвестицијата.

„Но, ако донесат одлука да нѐ рушат се надеваме дека нема да се користат методи од минатото, туку соодветно ќе нѐ обештетат“, вели Миленковски.

Жарко Миленковски е претставник на фирмата со бугарски капитал „Сервис АД“, којашто ја презема недоизградената галија од сопственикот на фризерскиот салон „Диор“, Давор Андреевски.

Андреевски ја градеше и првата галија, онаа пред зградата на МЕПСО, која потоа ја презеде друга фирма чија сопственичка Вера Најдоска ниту во минатото, ниту, пак, сега, кога на дневен ред е дислоцирањето на галиите, не излегува во јавност.

Само оваа галија е пред Камениот мост.

Познатиот угостител и сопственик на ресторанот „Воденица“, Стојан Филиповски, којшто ја раководи галијата во средината, онаа кај ГТЦ, исто така не сакаше да коментира со образложение дека не е во државава.

Од Градот Скопје сѐ уште нема конкретни информации како ќе се изведе дислокацијата на галиите.

Оттаму за БИРН велат дека ја преиспитуваат правна процедура во однос на поставувањето на галиите, ќе ги анализирале законите, Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје и целата процедура за издавање на одобренијата на инвеститорите.

„Откако ќе се изгради став на службите, ќе се дадат насоки за натамошно постапување, а јавноста ќе биде навреме информирана“, се вели во дописот од градот до нашата редакција.

Галиите се дел од контроверзниот проект Скопје 2014 на претходната влада водена од ВМРО-ДПМНЕ и од експремиерот Никола Груевски.

Иако сега во Вардар има три брода, ДУП-от за тој дел од центарот на Скопје предвидува шест вакви објекти и тоа четири на десната и два на левата страна од реката.

Но, галии не никнаа на локацијата веднаш под мостот „Гоце Делчев“, до ново-стариот театар и до колонадата.

Градските власти во времето на ВМРО-ДПМНЕ и на Коце Трајановски се обврзаа да ја изградат инфраструктурата, да постават канализациска мрежа и да донесат струја на галиите, а обврска на инвеститорот беше да ги изгради галиите од челик и од дрво, а внатрешноста од гипс-картон на начин што ќе може објектот да се отстрани, бидејќи сплавовите се поставуваа на период од десет години во кои концесионерот треба да плаќа кирија на Град Скопје од околу 1.000 евра месечно.