Вести

ТВ Алфа може да остане без дозвола за работа

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на утрешната седница ќе почне постапка за одземање на дозволата за работа на телевизијата Алфа, потврдија за БИРН од Агенцијата. Телевизијата за дозвола за работа треба да плати 3,5 милиони денари, а уплатила помалку од третина од сумата, односно 1 милион денари.

На истата седница ќе се почне постапката и за одземање на дозволите на ТВ Сонце, Радио Слободна Македонија и Сител 3, кои немаат платено за годишните дозволи за радиодифузна дејност. Откако ќе се почне постапката, радијата и телевизиите кои немаат платено, добиваат рок од 15 дена, а доколку не платат во тој рок, им се одзема дозволата за работа.  

„Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот е должен да почне постапка за одземање на дозволата на секој радиодифузер кој нема да ја плати фактурата за радиско или телевизиско емитување во рок од 30 дена од денот на добивање на фактурата. Откако ќе се почне постапката, на радиодифузерите им се дава рок од 15 дена да ги подмират обврските“, вели директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.

Откако ќе се почне постапката, радијата и телевизиите кои немаат платено, добиваат рок од 15 дена, а доколку не платат во тој рок, им се одзема дозволата за работа  

За евентуалното одземање на дозвола за работа одлучува Советот на агенцијата.

Директорот на телевизија Алфа Љубомир Николовски за БИРН изјави дека поднеле барање до АВМУ за да ја уплатуваат сумата на рати, но биле одбиени.

„Дел од парите уплативме, а за дел побаравме од Агенцијата да плаќаме на рати, поради незавидната финансиска ситуација во која се наоѓаме, но ете, нè одбија. Не ми е јасно зошто, кога тие пари ќе им се слеваа во текот на 2018 година, за кога и се однесува дозволата. Сега ќе гледаме да направиме сè што можеме за да платиме“, изјави Николовски додавајќи дека финансиското работење на телевизијата е оптоварено со многу давачки и стари долгови.

Инаку, сопственик на телевизијата Алфа е фирмата Алфа Скоп ДОО. Газди на Алфа Скоп, пак, се четири познати компании – помал дел од акциите имаат Макошпед АД, Технометал Вардар, Акционерското друштво – фабриката за чоколади, вафли и бонбони ЕВРОПА – Скопје, а најмногу удели има фирмата ЦХС Инвест Груп. Минатата година компанијата „ЦХС Инвест груп“ ја презеде познатиот продуцент и менаџер Иво Јанковски, а со тоа и управувањето на „Алфа ТВ“, но неколку месеци подоцна тој им ја препушти фирмата на извесни Горан Балаќ од Србија и на Петер Шац од Унгарија.

Телевизијата Алфа е основана во 2008 година со паричен влог од 310.000 денари или околу 5 илјади евра. Мнозински сопственик во тоа време беше бизнисменот Штерјо Наков преку компанијата „Фершпед“, меѓутоа во септември 2013 година српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ преку својата македонска компанија „ЦХС Инвест груп“ откупи 56 проценти од акциите на телевизијата. Оттогаш драстично се смени уредувачката политика и од критички настроен медиум, ТВ Алфа стана отворен поддржувач на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, а таквиот дискурс Алфа го задржа и сега, односно критички известува за актуелната владејачка структура. На телевизија Алфа се емитува емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов како и емисијата на Миленко Неделковски.